17.01.2008 Ќе добие ли ЕЛЕМ монополска позиција на пазарот со електрична енергија во земјава? Дали го следиме процесот на измени во енергетскиот сектор, дали тој се забрзува или забавува. Ќе поскапи ли цената на струјата и во какви размери? Ова се дел од прашањата на кои во организација на “Транспарентност-нулта корупција“ се расправа на јавната дебата со наслов “Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика“ која се одржува во хотелот “Стоун Бриџ“ во Скопје.
Претседателката на “Транспарентност – нулта корупција“ Слаѓана Тасева рече дека предложените измени на Законот за енергетика се прилично нејасно објаснети на официјалниот сајт на Владата, а јавноста има право да знае што точно тој содржи и какви ефекти ќе има врз состојбата со електричната енергија во иднина.
“Затоа ги поканивме и претставниците на Владата да говорот на дебатава и да ги објаснат предложените измени, но за жал тие не дојдоа, како ни светските екперти кои заради краткиот тајминг не можеа да ни се придружат“, додаде таа.
Пратеникот на СДСМ, Јани Макрадули, кој беше единствен претставник од Парламентот, на дебатата остро го нападна Предлог законот со тврдење дека тој ќе му донесе монополистичка улога на ЕЛЕМ.
“Владата опстојува на својата инает-политика и му пркоси на мислењето и на домашната јавност и на препораките од Европската комисија. Ако овој закон е добар за сите, зошто тогаш во Брисеклќе го бранат само претставници од Владата и од ЕЛЕМ, а не и сите останати учесници во енергетскиот сектор“, праша тој.
Според него главен проблем била позицијата на ЕЛЕМ кој со измените ќе стане и снабдувач и трговец со енергија, а никој нема да може да го контролира бидејќи регулаторната комисија “се трга настрана“, со што ќе нема контролен механизам врз него.
Во одбрана на измените застана академикот Томе Бошевски. Тој изјави дека енергетскиот сектор е во криза веќе неколку години и овој закон е обид на Владата да “воспостави ред во хаосот“.
За него, во Законот никаде не се пројавува монополистичка улога за ЕЛЕМ туку напротив, сега секој ќе може да купува електрична енергија, ако има технички услови за такво нешто.
“Главно во измените е тоа што сега секој што има технички услови ќе може да биде увозник на електрична енергија. Тоа е многу демократска измена бидејќи во суштина секој голем играч на пазарот ќе може да увезува. Ова требаше да се направи уште пред 10 години, но тогашните влади немаа слух за таков потег, рече Бошевски.
Тој се осврна и на критиките дека РЕК Битола постојано има технички проблеми со што го доведува во опасност напојувањето со струја на граѓаните и на фабриките во земјава.
“РЕК Битола е како стара баба од која се очекува да роди дете. Тоа е веќе стар комбинат кој постојано е форсиран во изминатите дваесетина години. Нормално е ако нема резервни делови и постојан ремонт, тој да биде подложен на проблеми“, сликовито објасни академикот Бошевски.
Заменикот претседател на УО на ЕВН, Карл Хајнц Грасман смета дека законските измени не објаснуваат точно кој какви задачи ќе има во енергетскиот сектор.
“не е јасно кој каква задача ќе има. Што ако има дефекти на електраните, кој ќе снабдува со електрична енергија. Колку безбедно може да биде снабдувањето кога условите не се регулирани“, запраша тој.
Грасман додаде дека условите за отворање на пазарот не биле исполнети и овие измени преставуваат избрзан чекор кој ќе доведе до зголемување на цената на струјата, може да ги загрози шансите за странски инвестиции, како и да предизвика губење на работни места за населението.
“Ние сме за либерализација, но на безбедна основа“ заврши тој.
Дебатата продолжи и во попладневните чесови.
Извор: Нетпрес