Не тајна дека Европската комисија беше остар критичар на измените на Законот. Главните аргументи на Брисел се дека со нив од државната компанија ЕЛЕМ ќе се создаде монопол, поради што нашата Влада беше повикана да објасни зошто упорно го турка овој спорен проект.
Македонските власти веќе подготвиле писмен одговор со свои објаснувања околу измените, кој веќе е испратен и стигнал во Европската комисија. Во него е наведено дека со измените нема да дојде до кршење на европските закони. Исто така, Владата пред Брисел ветува дека ќе интервенира и со амандман во текстот на Законот, за да се допрецизира функционирањето на државната компанија ЕЛЕМ. Покрај ова, таму е наведено и дека измените се во корист на ЕСМ – ЕВН, компанија која остро се спротивстави на Законот. Во пакет со одговорот, до Европската комисија било доставено и мислењето од Комисијата за заштита на конкуренцијата, која смета дека измените на Законот не се спротивни со начелата за рамноправен статус на пазарот.
Според информациите, Владата го испратила овој одговор до Брисел во вторникот минатата недела, односно на истиот ден кога својата неотповиклива оставка ја поднесе министерката за економија во заминување, Вера Рафајловска. Одделни кругови токму нејзиното несогласување со измените на Законот за енергетика го лоцираа како главен мотив за нејзината оставка. Но, Рафајловска на таквите шпекулации одговори дека навистина имала различни ставови околу тој закон, но си заминала од лични причини.
Извор: Утрински весник