24.01.2008 Претставниците на Европската комисија ги прифатиле предложените измени и дополнувања на Законот за енергетика, рече по разговорите во Брисел вицепремиерот Зоран Ставревски.
„Најзначајно е тоа што постигнавме договор околу тоа дека измените се во вистинска насока, дека динамиката на либерализацијата на енергетскиот сектор е соодветна на можностите на Република Македонија“ , изјави Ставревски во Брисел, јави Телевизија Алсат-М.
„Единствената измена ќе треба да биде во делот што се однесува на улогата на снабдувач на гориво. Таму треба да најдеме решение што практично ќе биде директен договор помеѓу ЕЛЕМ и ЕВН за тарифните потрошувачи, кој што јасно ќе дефинира дека ЕВН има обврска да купи електрична енергија за тарифните потрошувачи од ЕЛЕМ, без да се формира посебно правно лице меѓу нив“, вели Ставревски.
Вицепремиерот тврди дека претставниците на ЕК прифатиле „комерцијалните загуби да ги покрива оној што ги прави“, односно ЕВН.
Извор: Макфакс