31.01.2008 Европската комисија вчера ги одобри новите владини измени на Законот за енергетика, со кои се предвидува да нема снабдувач на големо на струја односно претпријатие Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) да нема монополска позиција, изјави вицепремиерот Зоран Ставревски.
“Комисијата денеска своето одобрување го достави до Владата, која што веќе подготви 20 амандмани, согласно бриселскиот договор од минатата недела. Со амандманите не се предвидени големи корекции во Законот за енергетика бидејќи ново е тоа што државната ЕЛЕМ ќе потпише договор со ЕВН Македонија, за испорака на електрична енергија за потребите на граѓаните и малите потрошувачи. Измените предвидуваат комерцијалните загуби на ЕВН Македонија и на МЕПСО да се покриваат по пазарни цени, а оние техничките кои изнесуваат 11%, ќе се плаќаат по цени кои ќе ги одреди регулаторната комисија“, рече Ставревски.
Амандманите веќе се пратени во Собранието и деновиве треба да се најдат пред пратениците. Според информации на Нетпрес, Законот треба да се донесе најдоцна до март годинава.
Европската комисија претходно отфрли делови од Законот за енергетика, со образложение дека со него се креира монополска позиција за ЕЛЕМ.
Извор : Нетпрес