19.03.2008 Реформите во Катастарот се движат во вистинска насока, смета мнозинството од анкетираните испитаници во истражувањето на јавното мислење што го спроведе агенцијата „БРИМА Галуп“ за потребите на Државниот завод за геодетски работи во текот на јануари и февруари годинава. Истражувањето покажува дека подготвеноста за подмитување во однос на 2006, кога 24 отсто од испитаниците се изјасниле дека се подготвени да подмитат службеник за да завршат работа во Катастарот, годинава таа е намалена и изнесува 17 отсто. Овие проценти претставуваат позитивен сигнал за понатамошно успешно реализирање на барањата на граѓаните без давање предност на личните интереси над интересите на заедницата.
Ова е второ истражување на јавното мислења за задоволството од услугите на ДЗГР, додека првото беше спроведено во јануари 2006 година. За оваа цел беше земен репрезентативен примерок од 1.265 испитаници, од кои 685 корисници на услугите на Катастарот, 500 граѓани и 80 професионални корисници.
Од вкупниот број испитаници, 55 отсто сметаат дека реформите се движат во вистинска насока, 23 отсто дека реформите не се движат во вистинска насока, додека 22 отсто не се сигурни. Истражувањето покажува дека 68 отсто од испитаниците се задоволни од времетраењето на постапката. Професионалните корисници истакнуваат дека постои јасна слика за напредок во скратување на постапката за реализирање на барањата.
Извор: Утрински весник