18.03.2008 Седумдесет проценти од реформите во судството, кои ни ги наложи Европската унија, ги исполнивме. Доколку работиме со забрзано темпо целосно ќе ги исполниме критериумите, вели Михајло Маневски, министерот за правда. – Ја исполнуваме владината програма, се трудиме да ги запазиме роковите и сигурен сум дека во целост ќе ги исполниме барањата на ЕУ што се однесуваат на овој сектор – истакна Маневски.
Оли Рен, еврокомесар за проширување на Европската унија, при последната посета на Македонија го донесе списокот задачи кои ќе треба да се сработат во судството.
– Треба да се пополнат празните судски места, да се зголеми бројот на службеници во судовите во Скопје и во Гостивар, да се донесе законот за судска служба, да се спроведе планот за обука на судии и обвинители и да се воведе компјутерска технологија во правосудството – објаснуваат од Секретаријатот за европски прашања. Од Републичкиот судски совет велат дека наскоро ќе бидат пополнети сите испразнети места и судовите ќе можат да функционираат со полн капацитет. Во последниот извештај на ЕУ, во делот за судството, стои дека годинава ќе треба да се донесат преостанатите закони потребни за да се комплетира законодавната рамка утврдена со уставните измени од декември 2005 година.
„Новиот систем на спроведување почна да покажува резултати во првите шест месеци од работењето. Судските пресуди што беа пренесени на „извршителите“ во краток рок се завршуваа. Законот за парнична постапка им овозможи на првостепените судови да го зголемат бројот на решени судски предмети во период од три месеци“, се констатира во извештајот на европските советници. Тие негативно го оценија намалувањето на буџетот на судовите на околу 21 милион евра и според нив тоа е недоволно за покривање на тековните трошоци на правосудството и долговите на судовите.
„Заостанатите нерешени предмети, во главно во делот на извршувањето и на прекршоците, како и управните предмети по кои постапуваше Врховниот суд, се уште сериозно ја попречуваат способноста на правосудството да се справи со работната оптовареност“, сметаат европратениците. Ваквата оценка е донесена врз основа на податоците дека во минатата година првостепените и апелациските судови постапувале по 1.698.871 предмети, а Врховниот суд примил 3,7 проценти повеќе апелациски предмети, споредено со претходните години.
Извор: Време