29.03.2008 Опаѓа довербата во сите институции во државата, а спласнува и оптимизмот на граѓаните. Најголема е недовербата во парламентот, претседателот на државата и Владата. Заканата е засилена со намалената доверба во политичките партии, како и помалата доверба во судството, армијата и полицијата, локалната самоуправа и банките. Ова се само некои од перцепциите за политичката ситуација во Македонија што можат да се извлечат како заклучоци од извештајот „Граѓански засновани анализи“ подготвен од БРИМА Галуп за потребите на УНДП, а презентирани вчера во Скопје. До овие сознанија е дојдено со теренска анкета, при што во периодот од 8 до 17 декември 2007 година биле интервјуирани 1.309 лица.
Ниското ниво на доверба во политичките институции и партиите е поврзано не само со лошото работење туку и со корупцијата. Анкетата покажува дека 80 проценти од прашаните изјавиле дека постои корупција во државната администрација на централно ниво и 79 отсто во парламентот. Ова е аларм за можното натамошно опаѓање на довербата во политичките институции, како и во иднината на државата, бидејќи овие институции ја обезбедуваат економската и социјалната рамка на животот на граѓаните.
Ентузијазмот и надежта на народот се намалени како резултат на слабиот економски напредок на државата, како и поради внатрешните политички проблеми. Разочарувањето е најсилно кај најактивните сегменти на работната сила и кај социјално најранливите категории – невработените и најсиромашните лица.
„Реформите во Македонија произведоа повеќе транзициски губитници од транзициски добитници“, истакна вчера професорот Ванчо Узунов. Според него, транзициски губитници се сите оние што изгубија работни места, не можат да се снајдат во пазарни услови, кои се на линија на сиромаштија. „Добитници се оние кои поради транзицијата се во подобра ситуација, а имаат добар приватен бизнис, како и младата популација која се вработува преку странски проекти и во амбасади. Во средината се неутралните, а тоа се пензионери и државна администрација“, објаснува Узунов.
Истражувањето направено во декември 2007 покажува дека најопадната е довербата во парламентот. Имено, 45 проценти од испитаниците изразиле целосна недоверба, што е помалку од 34 отсто во споредба со анализата од март 2007. Овој индикатор главно се припишува на грубите настани и судири меѓу пратениците лани во септември, како и поради неефикасната и неефективната работа на Собранието предизвикана од тешкотиите во политичкиот дијалог меѓу партиите. И уделот на лицата кои имале силна доверба во претседателот е паднат на 6,4 отсто (од 7,3 проценти во март 2007), додека 40,9 отсто од интервјуираните изразиле целосна недоверба во оваа институција, во споредба со 39,2 отсто во март 2007 година. Во периодот 2000 – 2007 шефот на државата постојано забележува низок рејтинг, дополнително зајакнат со многу ниското ниво на соработка претседател – влада во последните неколку години, особено кога станува збор за стратегиските прашања од национален интерес.
Владата се' уште ужива повеќе доверба од парламентот и од претседателот. Речиси 46 отсто од анкетираните изразуваат силна доверба или делумна доверба во Владата, иако силната доверба во извршната власт е намалена на 11,6 отсто (во март 2007 беше 14,3 отсто), а целосната недоверба се зголемила на 31,5 отсто од 26,5 отсто во март 2007. Општото гледиште е дека оптимизмот и надежта побрзо опаѓаат кај населението со најголеми очекувања од Владата, невработени лица, слабо платени работници, руралното население. Тоа ја става Владата под притисок да обезбеди специфични резултати во блиска иднина, стремејќи се кон економски просперитет и социјална кохезија на граѓаните, се оценува во извештајот.
Извор: Утрински весник