01.04.2008 Сојузот на студентите ќе подели 10.000 летоци по факултетите и по студентските домови за да ги поттикне студентите да пријавуваат случаи на корупција во високото образование на специјалниот телефонски број 32 21 350, кој го отвори неодамна. – Засега немаме добиено пријави за корупција зашто студентите се уште не се доволно информирани за овој број. Подготвивме промотивна кампања за да ги информираме студентите каде може да ги пријават случаите на корупција – изјави Самоил Малчески, претседател на ССУКМ. Исто таков телефонски број отвори претходно и Министерството за образование, но без резултат. На овој број долго време никој не одговараше и не беше пријавен ниту еден случај.
Владата и македонските универзитети минатата недела потпишаа Меморандум за разбирање во рамките на проектот „Антикорупциски мерки во образованието“. Целта е да се подигне јавната свест за борба против корупцијата и да се афирмира институцијата Студентски правобранител, која е сега недоволно позната.
Дел од студентите се сомневаат дека во искоренувањето на корупцијата во високото образование овие мерки ќе донесат резултати. – Не верувам дека некој проект ќе успее да ја искорени корупцијата бидејќи и мерките што се преземани досега не функционирале – вели еден студент од Економскиот факултет, кој сакаше да остане анонимен. Според него, добар пример е забраната за професорите на Економскиот факултет при скопскиот универзитет да ги продаваат своите учебници лично на студентите или преку асистентите. Нивните учебници може да секупат само од книжарницата или од скриптарницата- И покрај забраната, јавна тајна меѓу студентите е дека професорите се уште ги продаваат учебниците во своите канцеларии – вели студентот. Организаторите на овој проект се надеваат дека ќе добијат поддршка и разбирање од сите студенти, од организациите и од институциите.
Извор: Време