02.04.2008 Управата за јавни приходи исплатувала награди во пари за дел од вработените од Регионалната дирекција во Скопје и Битола во тек на изборна кампања, констатирал Државниот завод за ревизија во извештајот за 2006 година. Станува збор за 1,6 милион денари, од кои 899.000 денари биле исплатени во тек на изборна кампања. ДЗР предупредува дека тоа е спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата каде што е пропишана забрана за вршење какви било вонредни исплати на плати, пензии, помош…
Исто така биле исплатени 336.000 денари како учество во трошоци за тековно одржување деловен објект, но без правна основа, односно врз основа на договор за закуп на деловен простор склучен во текот на 1993 година, во кој не е предвиден надомест за тековно одржување. Договорот за закуп на деловен простор, за кој Управата во 2006 година има исплатено 434.000 денари и ненамирени обврски од 39.000 денари е склучен и обновен со политичка партија која во тој период била на власт, констатира ревизијата.
"Тоа упатува на можна злоупотреба на буџетските средства, предвидено во член 12 од Законот за спречување на корупцијата", вели ревизорот. Притоа, препорачува одговорните лица на УЈП за време на изборни кампањи да не дозволат вонредни исплати поради можното влијание врз изборните резултати по пат на мотивирање на избирачите со буџетски средства.
Извор: Утрински весник