29.03.2008 Владата го одложи рокот за доставување на финансиските понудите за ХЕ „Чебрен“ и „Галиште“. Наместо до вчера, како што беше најавено, компаниите кои влегоа во тесниот круг за добивање на тендерот за изградба на двете хидроелектрани, ќе можат да ги претстават своите понуди за финансирање уште еден месец, односно до 30 април, најдоцна до 10 часот, по што ќе следува нивно отворање.
Оваа одлука Владата ја донесе завчера, на вонредна седница во доцните попладневни часови. Тоа е направено по барање на дел од квалификуваните понудувачи, се вели во официјалното соопштение на Владата, а во насока за поголема транспарентност на целата постапка и подобар квалитет на изготвувањето на понудите.
Вицепремиерот Зоран Ставрески еден ден пред владината седница, на која се донесе одлуката за пролонгирање на рокот за финансиските понуди, изјави дека целата постапка со тендерот за „Чебрен“ и „Галиште“ тече како што треба, дека Министерството за економија е надлежно за деталите и оти, колку што му е познато, крајниот рок за доставување на понудите е 28 март.
Дали завчерашната собраниска расправа и обвинувањата на опозицискиот СДСМ придонесе Владата да го пролонгира рокот, или притисокот на дел од учесниците на тендерот беше главен аргумент за промена на терминот утврден со тендерот? Како што е веќе познато, пет компании се во трка за добивање на тендерот, а тоа се : германската РВЕ, австриската „Вербунд“, две италијански компании „Енел“ и „Едисон“ и норвешката компанија „Статкрафт“. „Вербунт“ и „Статкрафт“ минатата недела од Министерството за економија побараа пролонгирање на рокот за доставување на финансиските понуди за уште најмалку 6 недели. Според неофицијални информации, тоа го барале поради промени во претходните услови на тендерот, што наводно биле направени од Владата, а заради фаворизирање на РВЕ.
Пред два дена опозицијата од собраниската говорница обвини дека државата си прави голема штета со тендерот за ХЕ „Чебрен“ и „Галиште“ . Бидејќи, тој го вклучува и раководењето со хидроелектраната „Тиквеш“, така што некому ќе му се подарат 1,4 милијарди евра за инвестиција од 500 милиони денари. Експремиерот Владо Бучковски, пратеник од СДСМ, праша како е можно да се распише тендер каде што во пакет се дава и ХЕЦ „Тиквеш“, која сега произведува околу 200 ггвч. по пазарна цена од околу 100 евра.
Според Ставрески, ХЕЦ „Тиквеш“ во првите седум години, додека инвеститорите не ги изградат „Чебрен“ и „Галиште“, останува сопственост на државата и ќе произведува струја за ЕЛЕМ, а двете хидроцентрали ќе останат во државна сопственост по 70 години, колку што трае концесијата. Според Владата, овој модел каде што државата задржува сопствено учество во таков грандиозен објект, е многу добар и докажан во светот.
Инаку, ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“ треба да се градат на Црна Река, каде што е веќе лоцирана ХЕЦ „Тиквеш“. Производството на струја треба да изнесува колку сегашното вкупно производство на енергија од македонскиот хидросистем.
Германската РВЕ , неофицијално, важи за фаворит. Претставници на оваа компанија пред десетина дена имаа сопствена промоција на идеите за инвестирање, потенцирајќи дека се подготвени да вложат над 500 милиони евра, што е досега највисоката понудена инвестиција во енергетиката. РВЕ планира „Чебрен“ и „Галиште“ да ги направи централи со голема моќност, 330 мегавати „Чебрен“ и 193 мегавати „Галиште“, а годишното производство на струја е проектирано на 1.100 гигават-часа.
Извор: Утрински весник