09.05.2008 Државната комисија за спречување корупција очекува власта да се воздржи од трошење средства во предизборниот период, за што досега се поведени 16 постапки кои се однесуваат на огласи за вработување и јавни набавки. Комисијата испратила писмо до Владата да се повлече огласот за стипендии за асистенти, а повела постапка за опремување на селските амбуланти и за најавените пет илјади вработувања.
„Државните органи не се учесници во изборите и не треба да се рекламираат во овој период. Затоа е важен член 14, од аспект на наведување на гласачите. Нивното ветување дека нешто ќе направат и ќе одвојат толку средства, макар и како морално почитување на режимот на антикорупциско однесување, е под наше дежурно внимание и треба да има воздршка“, изјави претседателката на Комисијата, Мирјана Димовска.
Таа се повика на режимот за користење средства за време на избори, според кој од 12 април е забрането отуѓување државен имот и се' друго што е државна сопственост. Димовска рече дека на институциите им е сугерирано да не отвораат нови постапки и закуп на државен имот. Комисијата испратила укажувања и до сите општини да се воздржат од трошење пари, а и да внимаваат како се користат службените возила.
„Побаравме од министерствата да ги достават годишните планови за вработувања и јавни набавки за да процениме каде се смета дека нешто може да продолжи како активност. Нови постапки за вработувања и набавки е сугерирано да не се отвораат“, вели Димовска.
До Комисијата, од 12 април се поднесени барања од 28 институции кои побарале мислења во врска со јавни набавки, закуп, отуѓување јавно земјиште, склучување колективни договори и сл.
Претседателката на ДКСК очекува партиите да ги прикажат парите што се трошат како легални пари наменети за кампања. Таа додаде дека се знае колку партиите можат да потрошат според сумата што ќе им легне на легалната сметка за изборите.
Инаку, Комисијата повела две иницијативи за кривично гонење поради основано сомневање за злоупотреба на службената положба и овластување. Едната се однесува за градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, за куќата на Јашар-бег, а втората за одговорни лица во Фондот за локални патишта и улици во Општина Струга.
Извор: Утрински весник