09.06.2008 Академијата за обука на судии и обвинители сериозно ги прими забелешките на европските монитори, кои неодамна го објавија извештајот за состојбата во судството, по извршеното скенирање на македонските институции во март оваа година. Следејќи ги инструкциите од извештајот на оценувачката експертска мисија на Европската комисија, веќе за новата генерација кандидати за почетна обука во јули 2008 година ќе се подигне степенот на анонимност на приемниот испит. Управниот одбор на Академијата размислува и за формирање едукаторски тим на судии и обвинители, кои за одреден период ќе ја стават во мирување својата функција и ќе се посветат само на обуката.
„Во поглед на испитите, во извештајот беше нагласено дека мониторите немаат никакви приговори поради наводна измама или непотизам, туку се препорачува во иднина да биде поголема заштитата на анонимноста“, нагласува директорката на Академијата Анета Арнаудовска. Таа вели дека веднаш била усвоена измена на Правилникот за приемен испит, со тоа што целиот писмен испит ќе биде анонимен, а писмените проблеми и решавањето случаи ќе се спроведат со употреба на оптички читач и со испитни шифри различни од оние на тестот.
Директорката е убедена дека постои недоразбирање со мисијата околу листата на едукатори, за кои им било забележано дека е преширока, затоа што за 27 кандидати се ангажирани вкупно 108 едукатори.
„Наведената бројка се однесува на вкупниот број едукатори со кои располага Академијата, од кои 58 се постојани – 43 судии и 15 обвинители, а останатите се повремени и ад хок едукатори. Се работи за широка листа, која е направена заради поголем избор во зависност од обработените теми. Ова се едукатори не само за почетна обука, туку и за континуирана судска обука. Ваквата потреба се наметна, бидејќи Академијата нема своја база на вработени едукатори, како што е тоа случај со академиите во Франција, Шпанија, Романија и во Албанија“, подвлекува директорката. Сепак, таа дели дека ќе се разгледа можноста при измените и дополнувањата на Законот за Академија, во најскоро време да се предвиди формирање едукаторски тим судии и обвинители, кои за одреден период ќе ја стават во мирување својата функција и ќе се посветат на едукацијата на младите кадри. Директорката појаснува дека во текот на теоретската програма биле ангажирани едукатори кои ја спроведуваат програмата со 22 предмета. Ваквата богата програма има цел да ги обучи идните судии и обвинители не само на примена на домашното и меѓународното право и практика, туку и да се развиваат комплементарни вештини.
Од Академијата се согласуваат со оцената во извештајот дека е проблематична ситуацијата со буџетот и дека во иднина не смее да се намалува, кој оваа година е скратен за 25 проценти. Оттаму нагласуваат дека работат со полна пареа и оти во минатата година се спроведени повеќе од 100 семинари, а само од јануари досега 106 семинари. Оваа институција е вклучена и во Програмата за размена на европска мрежа на едукатори и од септември ги очекува првите гости од Шпанија, Естонија, Латвија и од Белгија, кои ќе престојуваат две недели во Македонија. Наесен, ќе бидат домаќини и на три меѓународни конференции.
Инаку, Академијата за обука веќе го објави новиот оглас за прием на 15 идни судии, како и 12 јавни обвинители, кој на 30 мај беше објавен во „Службен весник“, како и во два дневни весника. Пријавувањето на кандидатите е во наредните 15 дена, квалификациониот тест ќе се одржи во рок од 30 дена, а во наредните осум дена и подготвителна настава. Заради практично подготвување на испитите, во текот на овој месец ќе се одржи и подготвителна настава. Ова ќе биде втора генерација кандидати.
Извор: Утрински весник