ГОЛЕМ МИРАЗ
Професорот на Машинскиот факултет, Атанаско Тунески, смета дека двете понуди за изградба на „Чебрен“ и на „Галиште“ не се прифатливи. Првиот проблем го лоцира во тоа што инвеститорот ќе ја добие и ХЕЦ „Тиквеш“ под концесија на 40 или 50 години. ХЕЦ „Тиквеш“ годишно произведува струја во вредност од околу 20 милиони евра. За 40 или 50 години инвеститорот ќе заработи една милијарда евра. Со ова државата влегува во новата компанија што ќе управува со трите хидроцентрали со мираз од една милијарда евра плус вредноста на ХЕЦ „Тиквеш“, чија изградба чинеше околу 200 милиони евра – истакна Тунески. Тој смета дека државата не треба да биде сосопственик во новата компанија, туку да учествува во делот на производството на електрична енергија. Тунески посочи декаХЕЦ„Тиквеш“во моментот е многу важен за електроенергетскиот систем на Македонија. Без овој објект нашиот електроенергетски биланс не може да се затвори. Во новата компанија државата мора да учествува со целосна сопственост врз оваа централа, а да добие дел од „Чебрен“ и „Галиште“. На тој начин би имале ќар. Ако од двете нови електрани добиеме помалку енергија отколку од ХЕЦ „Тиквеш“, јасно е дека државата е во зијан – објасни тој.
ДА НЕ СЕ БРЗА
Претседателката на „Транспарентност – нулта корупција“, Слаѓана Тасева, апелира новата влада да ги земе предвид сите аспекти при реализирањето на оваа инвестиција, како што е управувањето со водите, недостигот од струја, меѓународните договори и животната средина. Се' уште не сме ги направиле сите подготовки неопходни за градење објекти од ваков тип. Нема анализи за состојбата со водите и за тоа како ќе се одразат огромните хидроцентрали врз животната средина. Студиите за водите во Македонија се стари 10 години – изјави Тасева.Според неа, власта не треба да продолжи со праксата за брза реализација на проекти што не се докрај проучени и разработени. Не сакаме да ги попречиме инвестициите, туку да ги поттикнеме вложувањата што навистина ќе дадат резултати и ќе придонесат државата и регионот да имаат одржлив развој – порача таа.
Последниот збор кај новата влада
Кој ќе биде концесионер на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ ќе реши новата влада. На јавниот оглас пристигнаа две понуди – од енергетските гиганти „РВЕ“ од Германија и од „Фербунд“ од Австрија. „РВЕ“ нуди ЕЛЕМ да учествува со 47 отсто во сопственоста на новата компанија и концесијата да трае 40 години. „Фербунд“ понуди учество на ЕЛЕМ од 33 отсто и концесија од 50 години. Хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“ ќе се градат на Црна Река и е предвидено да имаат моќност од 330, односно 193 мегават-часови. Изградбата треба да почне во следната пролет и да трае седум години.
Извор: Дневник