26.06.2008 Вкупниот обем на пријавен криминал во Македонија лани се зголемил за 11,8 отсто во споредба со претходната година. Опаѓање има кај малолетните лица, додека, пак, бројот на непознати сторители пораснал за 15 проценти. Два процента е намален бројот на отфрлени кривични пријави, кој изнесува 21,6 отсто, а бројот на изречени осудителни судски пресуди се зголемил од 87,36 проценти, колку што имало пред две години, на 91 процент во 2007 година.
Мерката притвор бележи тенденција на мало намалување, па ако пред две години била изречена за 642 лица, една година подоцна тој број изнесува 609 лица. Обвинителската статистика покажува и дека биле поднесени обвиненија против 12.819 лица, што е за 98 лица повеќе од претходната година. Основните судови донеле пресуди против вкупно 12.859 лица, додека тој број во 2006 година изнесувал 12.634. Интересно е што во 91 процент судовите изрекле осудителни пресуди, и тоа за 11.781 лице.
Сите овие податоци и многу други се содржани во најновиот годишен извештај на Јавното обвинителство на Македонија, кој од скоро е објавен на неговата веб-страница. Обвинителите се задоволни од својата ефикасност за минатата година, бидејќи констатираат дека обезбедиле „висок степен на ажурност, стручност и квалитет во постапувањето по предметите“. Истиот заклучок се однесува и на работата на специјализираните обвинители од Одделението за организиран криминал и корупција, за кои уште се додава дека „непристрасно ја вршеле функцијата на гонење на сторителите на кривичните дела од областа на организираниот криминал“.
Сепак, Обвинителството самото признава дека недоволно ги користи овластувањата дадени во Законот за кривична постапка, поради што се добива чувство дека отсуствуваат одлучноста и храброста за примена на некои институти. Посебно тоа се однесува на недоволното користење на правните механизми за забрзување на постапката во делот што се однесува на предлагање да се донесе пресуда без главен претрес. Во извештајот се укажува и на несоодветната примена на мерката -конфискација на имот и имотна корист, која во иднина треба повеќе да се афирмира во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Структурата на подносителите на кривични пријави не е промената, па така и во оваа извештајна година дури 63,5 проценти поднело МВР, граѓаните 14,9 проценти, оштетените правни лица учествуваат со 9,3 отсто, додека државните органи со 5,9 отсто. А самите јавни обвинители само во 2,9 отсто од случаите се појавуваат како подносители на кривични пријави.
Што се однесува до справувањето со кривичните пријави, регистриран е мал пад на ефикасноста, бидејќи се решени пријави против 19.330 лица, или 75 отсто, што, пак, процентуално е намалување од 2,3 отсто. На крајот на годината останале нерешени кривични пријави против 6.168 лица или 24,2 отсто од вкупниот број.
Статистиката говори и дека во споменатата година 16,26 отсто од случаите завршиле со откажување од кривично гонење.
Извор: Утрински весник