10.09.2008 Македонија е рангирана на 71 место на листата “Doing Bussiness” на Светската банка за 2009 година, што е за осум скалила подобро во однос на минатата година.Македонија, според извештајот, го подобрила бизнис опкружувањето со новиот закон за заштита на податоци, со воведување на системот за електронска распределба на случаи во судовите, како и со активирање на трговскиот суд.
Исто така се нагласува дека данокот на добивка е намален на 10 насто од почетокот на 2008 година, а реформата на Катастарот го намалила времето за регистрирање на имот од 98 на 66 денови.
Едношалтерскиот систем е унапреден и скратен е бројот на процедурите за започнување на бизнис. Времето за извоз е намалено од 19 на 17 денови, а на увоз од 17 на 15 благодарение на рационализацијата на царинските тарифи и дозволите, подобрување на инспекциите, поедноставување на царинската процедура и намалување на бројот на документи.
Македонија е најдобро рангирана во категоријата започнување со работа, каде се наоѓа на високото 12 место, додека најлошо пласирана е во категоријата издавање на градежни дозволи -159 место.
Високо место Македонија зазема и во категоријата даночни реформи, во која е рангирана на 27 место и кредитни информации – 43 место. Во категоријата прекугранична трговија, Македонија е 64-та, а во областа извршување на договори 70-та.
Македонија се наоѓа на 88 место во категориите регистрирање на имот односно заштита на инвеститори.
Полоши оценки Македонија има во областите ограничување при вработување, каде се наоѓа на 125 место, односно во категоријата затворање на бизнис 129 место
Првите десет места на листата од 181 држава се резервирани за Сингапур, Нов Зеланд, САД, Хонгконг, Данска, Велика Британија, Ирска, Канада, Австралија и Норвешка.
Од земјите во регионот подобро од Македонија (71) се рангирани Унгарија (41), Романија (47) и Бугарија (49), а подолу на листата се Албанија (86), Црна Гора (90), Србија (94), Хрватска (106) и БиХ (119).
Светска банка во извештајот “Doing Bussiness” нагласува дека годинава во светот се спроведени рекорден број реформи, а меѓу реформаторите предничат источноевропските и централноазиски држави.
Македонија лани беше рангирана на четврто место меѓу топ-реформаторите, а годинава првите десет места ги заземаат Азербејџан, Албанија, Киргизија, Белорусија, Сенегал, Буркина Фасо, Боцвана, Колумбија, Доминикана и Египет
Азербејџан е апсолутно најдобар реформатор за 2009 година и скока за дури 64 места од 97 на 33 место на листата. Албанија е втора меѓу реформаторите, а на листата се искачи за 49 места од 135-то на 86-то место.
Извештајот “Doing Bussiness”, кој шеста година по ред го подготвуваат Светската банка и Меѓународната финансиска корпорација се смета за еден од најрелевантните економски показатели во светот.
Извор: Макфакс