20.09.2008 Македонија бележи напредок во спроведување некои од реформите неопходни за интеграција во ЕУ, но мора да работи уште на политичките критериуми, оцени Петтиот комитет за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ. Претставниците на Европската комисија, предводени од Пјер Мирел, директор во Директоратот за проширување, најмногу забелешки имаа за функционирањето на политичките институции, за начинот на кој беа спроведени изборите, како и за донесувањето закони со итна постапка во Собранието.
– Го разгледавме напредокот во однос на политичките критериуми и не можеме да кажеме дека политичките институции функционираат беспрекорно – изјави Мирел. Според него, ЕК има забелешки зашто законите се донесени со итна постапка, а законите за јазиците и за деловникот треба да се носат со соодветна дебата и консензус. Мирел рече дека во однос на изборите не се спроведени препораките од ОДИХР и дека последните избори ја однесле Македонија чекор назад во однос на 2006 година.
– В година повторно ќе има избори и не сакаме да се повторат неправилностите – рече Мирел. Делегацијата на ЕК го поздрави спроведувањето на реформите во судството, во јавната администрација, во царината, борбата против организираниот криминал, како и полициските реформи, но предупреди дека во однос на измените во Законот за прислушување нема безбедносни мерки за спречување злоупотреби, особено политички. Според Мирел, законот се' уште се разгледува во Брисел и можеби ќе треба дополнително усогласување за да се избегнат можни злоупотреби.
Мирел најави дека годишниот извештај на ЕК ќе биде избалансиран и фер и дека ќе ги содржи постигнувањата и недостатоците на земјава во последните 12 месеци.
Извор: Дневник