Пред речиси два месеца Владата најави дека е постигнат значаен напредок во борбата против корупцијата. Македонија се искачи 12 позиции на листата за перцепција на корупција. Од 84. место во 2007 година Македонија се најде на 72. место годинава. Сепак од „Транспаренси интернешенел“ тврдат дека потребно е повеќе да се работи за борба со корупцијата, посебно имајќи предвид дека индексот за Македонија е променет за 0,3 индексни поени, имено помалку од потребните 0,4 за констатирање значајна промена.
„Транспаренси интернешенел“ има слични забелешки и за други земји во соседството на Македонија.
„Покрај екстензивните реформи и надворешните поттикнувачи во претпристапниот процес кон Европската унија, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина значително не го подобрија својот антикорупциски став“, се наведува во заклучното разгледување од пресметувањето на индексот за перцепција на корупцијата. Како посебна забелешка од „Транспаренси“ го издвојуваат пристапот кон информации од јавен карактер, кој го сметаат како посебно проблематичен во Македонија и соседите кои се' уште не се членки на Европската унија.
Извор : Утрински весник