Сепак и покрај навидум огромниот интерес, само четири компании се вистински инвеститори, истите оние кои се јавија и на претходниот тендер, а кој владата го поништи кон крајот на минатата година. Тоа се „Вербунд“ од Австрија и „РВЕ“ од Германија, „Енел“ од Италија и „Старткрафт“ од Норвешка. Другите учесници главно беа или трговски фирми, кои се занимаваат со трговија на електрична енергија, или консултанти, кои сакаа да ги слушнат условите за тендерот.
Забелешките на првопласираните од минатиот тендер „РВЕ“ и „Вербунд“ се однесуваа на условите за концесија, учеството на државата, типот на браната, флексибилност, квалитетот на договорот и слично.
– Во прашање се бизнис-интереси и колку побрзо надлежните го сфатат тоа, толку процедурата ќе биде побрза и поефикасна. Во услови на глобална финансиска криза капиталот е многу попретпазлив – ни изјавија тие.
Претставниците на ЕЛЕМ, како партнер во проектот нагласија дека селекцијата на кандидатите ќе се изврши врз основа на два критериуми и тоа процентот на учество на ЕЛЕМ во проектот и времетраењето на концесијата.
Министерот за економија Фатмир Бесими нагласи дека целта на средбата е да се направи добар проект.
– Мора да најдеме заеднички допирни точки, што е ваш, а што наш интерес истакна Бесими.
Стартот на комерцијалната употреба на хидроцентралите се планира за 2017 година. Проектот е замислен како микс од јавно и приватно инвестирање при што големите ризици се преземени од страна на ЕЛЕМ, со експропријација на земјиштето, изградба на инфраструктура и далеководи за поврзување со мрежата и слично.
На вчерашната дискусија беше покренато и прашањето за меѓународното искуство на понудувачите и дали доколку немаат меѓународно искуство ќе бидат дисквалификувани.
– ЕЛЕМ како компанија нема толкаво искуство на пазарот на електрична енергија и ни треба силен партнер кој има искуство за тоа – изјави Јасна Иванова Давидовиќ, директор за развој и инвестиции на ЕЛЕМ.
Според Влатко Черепналковски, ако не се направат измени во флексибилноста на одредени барања интересот на инвеститорите може пак да спласне.
– Ако власта не се откаже од намерата за високи брани, пак ќе нема интерес – ни изјави Черепналковски.
Конструктивната висина на браната за „Чебрен“ е проектирана на 192,50 метри, што значително влијае на трошоците. Сите забелешки на потенцијалните инвеститори ќе бидат разгледани од страна на Владата, која ќе одлучи дали ќе ги прифати или не. Постапката треба да заврши до крајот на идниот месец.
Извор : Нова Македонија