УКАЖУВАЊА ОД ОДИХР
Ваквиот тренд се заканува во прашање да ја доведе регуларноста на изборите бидејќи надворешните набљудувачи предупредуваат дека постојат сериозни нелогичности во соодносот меѓу бројот на населението и бројот на гласачите. Во својот неодамнешен извештај мисијата на ОБСЕ-ОДИХР укажа дека некои аналитичари се жалат оти бројот на гласачите е непропорционално висок во однос на вкупното население во земјава.
– Големиот број граѓани што се во странство и се на избирачкиот список ја зголемува можноста за манипулации. Се' уште не се применети претходните претпоставки од ОБСЕ и ОДИХР за темелно прегледување на листите – се посочува во извештајот.Љубљанскиот институт ИФИМЕС во анализата на изборите во Македонија вчера постави прашање дали навистина е можно 20 проценти од населението да се малолетни или се работи за обид за манипулација. Класична манипулација е ако на избирачкиот список се евидентирани и мртвите, како и тие кои веќе подолго време не живеат во Македонија, односно живеат во странство, привремено или постојано – укажува љубљанскиот институт.
ЗАМИНУВАЊЕ БЕЗ ОДЈАВА
Експертите за демографија и надлежните органи објаснуваат дека високиот процент на гласачи е резултат и на намалениот прираст на население и на фактот што на избирачкиот список се и нашите сонародници што се во странство.
– Можно е да се има толкав процент гласачи. Но, тука не влијаат само демографските, туку и политичките фактори. Значи, можно е пред 18 години да имало поголем прираст на населението, но сигурно проблемите доаѓаат и поради евиденцијата на луѓето што се во странство – објаснува Амелија Јовановиќ, експерт по демографија.
Во Министерството за правда изјавија дека промените во избирачкиот список се евидентираат врз основа на податоците кои ги добиваат од МВР. Полицијата е таа која треба да го информира Министерството за родените, умрените и за лица кои се заминати од Македонија на подолг престој. Проблемите произлегуваат од тоа што нашите граѓани не се одјавуваат кај домашните органи кога заминуваат во странство.
– Иако постои обврска граѓаните да пријават колкувреме ќе престојуваат во странство, сеедно дали одат на одмор, школување, прошетки, посети или да најдат вработување, тие треба да се пријават дека не се во земјава во одреден период. Така се случува тие да остануват на избирачкиот список, а реално не се во земјата – изјавија во МВР.Според прописите, лицата што во странство престојуваат до една година имаат право да бидат на избирачкиот список. Тие се евидентираат со посебна назнака дека станува збор за лица што се надвор од земјата. Инаку, се' уште е енигма колкава е вистинска бројка на Македонците што живеат во светот. Процените се дека станува збор за неколку стотици илјади граѓани.
Извор: Дневник