Двата предлога добија по 11 гласа во анкетата „Бистро – Матно” на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција”, во која учествуваа 17 главни уредници на печатени и електронски медиуми во Македонија.
Дузина лопати „фрли” владата на градежни проекти, чиј почеток индикативно во целост се совпадна со текот на кампањата. Владата се промовираше речиси секој ден, со камен темелници за патишта, спортски сали, фудбалски игралишта, концертни сали и судови, со што во нерамноправна положба ги стави другите учесници на изборите.
Владата го искористи законот, кој и покрај генералната забрана за отпочнување градби во избори, дава дозвола „ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот”. Експертите оценија дека владата не покажала доблест да ја откаже „градежната офанзива” за некое време колку и да била однапред планирана.
На второ место со пет „матни” гласа се заканите и притисоци на изборите. Меѓународните набљудувачи по првиот круг укажаа на одредени заплашувања врз граѓаните, особено врз државните службеници. Американскиот амбасадор Филип Рикер рече дека имало забелешки во Охрид за притисок и заплашување на граѓаните.
Еден „матен” глас доби бранот насилство што ги зафати македонските затвори изминатиов месец, меѓу кои е и едно наводно самоубиство.
Меѓу бистрите предлози најпозитивен е придонесот на електронските медиуми за демократска атмосфера на изборите. Според извештајот на Советот за Радиодифузија објавен по првиот круг на гласање, за време на изборниот процес телевизиите и радијата, со мали исклучоци, известувале избалансирано.
Шест „бистри” гласа доби притворањето на првите луѓе на кичевската полиција поради корупција. Полицијата ги уапси осомничените поради сомневање дека во текот на минатата и почетокот од оваа година уценувале кичевски бизнисмен со закана дека ќе му наместат кривично дело доколку не им даде 33 илјади евра.
Во анкетата „Бистро – Матно” за март учествуваа телевизиите: А1, Алсат, Канал 5, Телма, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Вечер, Време, Дневник, Лајм, Нова Македонија, Утрински весник, неделниците Глобус, Капитал и Фокус и електронското издание на Лоби.