12.04.2009 Претседателката на Транспарентност-Нулта корупција Слаѓана Тасева на прес конференцијата одржана на 12.09.2009 год. (недела) ги презентираше резултатите од анкетата спроведена во рамките на проектот “Перманентен антикорупциски мониторинг на клучните приоритети во ЕУ претпристапниот процес“. Анкетата беше реализирана во месец февруари оваа година, со цел да се соберат информации за ставовите и знаењето на граѓаните за седумте клучни критериуми наведени како приоритет во Извештајот на Европската комисија од март 2008 година, а истовремено да се види колку овие ќе се совпаднат со оценкиате на Комисијата кои ќе бидат претставени до крајот на месецот.
analiza_na_rezultati_od_istrazuvanje_12042009 729.46 Kb
Основната формата, обликот и содржината на прашањата беа дизајнирани од истражувачкиот тим на Transparency international Берлин. Прашалникот беше дополнет и прилагоден на актуелните состојби во Република Македонија, според потребите на Проектот. Прашалникот беше поделен на седум тематски целини/блокови- политички дијалог, спроведување на Законот за полиција, спроведување на законодавство за борба против корупцијата, реформите на јавната администрација, реформите на правосудниот систем, спроведување на политиките за вработување и подобрување на бизнис климата.
Во анкетата граѓаните дале претежно ниски оценки за спроведувањето на клучните критериуми за добивање датум за преговори со ЕУ. Во истражувањето на Транспарентност нулта корупција половина од испитаниците оцениле дека не постои јасна поделба помеѓу трите уставно загарантирани власти, законодавната, извршната и судската. Уште поголем процент сметаат дека политичкиот дијалог се води надвор од Парламентот. 77 проценти сметаат дека законите се носат без да се земе предвид јавното мислење. Висок процент од граѓаните дале ниски оценки 1, 2 или 3 од можни 7 за ефикасната борба на полицијата против корупцијата.
Голем дел од анкетираните сметаат дека Антикорупциската комисија но и судството не се имуни на политички влијанија.
Иако, најголемиот дел од домашното законодавство е усогласена со европското законодавство, тие слабо се имплементираат во практиката. Во однос на политиката на вработување висок процент од испитаниците оцениле дека професионалните критериуми не се решавачки за да се добие работа, него во македонското општество врските и понатаму имаат голем удел при вработувањето и тоа не само во државниот, туку и во приватниот сектор.
Корупцијата е честа појава и во институциите, сметаат 80 проценти од испитаниците. Во јавната администрација честа е појавата на конфликти на интереси кај државните службеници, кои имаат и ангажман во приватниот сектор. Анкетата покажала дека во јавната администрација не се почитуваат високи етички норми, а тоа, според претседателката на Транспренстост-Нулта корупција Слаѓана Тасева, дава лоша слика и за примената на законите во државата.
За резултатите на анкетата известуваа сите национални телевизиски куѓи во земјата.