Ова е заклучокот од шестиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација (КСА) меѓу Македонија и Европската унија (ЕУ), што денеска заврши во Брисел.
На дводневниот состанок, како што е соопштено во Скопје, била направена ревизија на сработеното во исполнувањето на политичките и економските критериуми, како и напредокот на Македонија во врска со нејзиното усогласување со европското право.
Во однос на политичкиот дијалог, Комисијата констатирала подобрување во функционирањето на Собранието.
Побарано е властите интензивно да го продолжат процесот на децентрализација и да продолжат со зајакнување на капацитетот на институциите надлежни за борба против корупцијата.
Во однос на реформата на полицијата, Комисијата укажала на потребата од усвојување на законот за внатрешни работи.
Од страна на КСА е констатирано дека има напредок во реформата на јавната администрација, но оти е потребна измена на законот за државни службеници.
Во однос на економските критериуми, ЕУ и препорачува на Македонија одблиску да го следи економскиот развој и да продолжи со дисциплинирана фискална политика.
Македонија, во однос на претпристапната помош ИПА, треба да ги забрза реформите за процесот на децентрализираното управување со фондовите на ЕУ, констатира КСА.
Комисијата потврдила дека планира да предложи укинување на визите за земјите кои ги исполнуваат условите и оти перспективата за воспоставување взаемен безвизен режим е до крајот на 2009 година.
На состанокот било укажано на важноста Македонија целосно да го хармонизира и имплементира законодавството од областа на енергетиката согласно обврските од Договорот за енергетска заедница, особено во врска со пазарот на електрична енергија.
Извор: Макфакс