10.07,2009 Поаѓајќи од досегашното искуство во врска со организирањето и одржувањето избори во Република Македонија, „Транспарентност – нулта корупција“, со поддршка на норвешката влада започна проект: „Подобрување на изборниот систем во Република Македонија“. Основна цел на овој проект е, пред се, да се разгледа и да се анализира од повеќе аспекти Изборниот законик и другите законски акти што се однесуваат на изборниот процес и на активностите на политичките партии во него. Крајна цел на овој проект е да се донесат препораки што ќе бидат во прилог на обезбедувањето поефикасно и побезбедно спроведување избори, надминување на нерегуларностите, неправилностите и на тензиите од секаков вид во текот на изборниот процес, како и препораки за доследно почитување на меѓународните стандарди и норми.
Во врска со овој проект, „Транспарентност – нулта корупција“ одржа состанок со претставници од Министерството за правда, од Мисијата на ОБСЕ во РМ, од Државната изборна комисија и од Советот за радиодифузија, како институции кои директно се инволвирани во изборниот процес кај нас. На состанокот се разгледаа суштинските прашања и проблеми поврзани со изборниот систем кај нас, кои дополнително ќе се анализираат во наредниот период. Исто така се формира Управувачки комитет кој ги дефинира рамките и методологијата на проектот и е решено да се соработува и со релевантните политички партии во Република Македонија, со Секретаријатот за европски прашања, со Мисијата на Европската комисија, со претставници на амбасадата на САД и на Норвешка, со невладината организација МОСТ, како и со повеќе домашни и странски експерти од оваа област, со цел да се донесат што посеопфатни препораки и сугестии за подобрување на изборниот систем и процес во земјава.