Во ДЗР констатираат дека продолжуваат проблемите во Владата во однос на вработувањата што се дел од програмата за правична застапеност на заедниците. Имено, тие утврдиле дека од ставката плати и надоместоци во 2008 година биле исплатени околу 182.000 евра повеќе од потребните. Ревизорите откриваат дека во почетокот на 2008 година на платниот список на Генералниот секретаријат имало 435 вработени лица. Тие додаваат дека во текот на годината преземањето на вработените од други државни органи одело отежнато, бидејќи Комитетот на министри, надлежен за нови вработувања, не ги зел предвид просторните проблеми, соодветната стручна подготовка и слободните работни места во согласност со правилниците за систематизација. Како основен критериум за нови вработувања се користел принципот на процентуална застапеност на заедниците. Така, на крајот на 2008 година, за 325 лица завршила постапката за преземање, на 9 лица им престанал работниот однос по нивно барање, а дури за 101 лице постапката не завршила.
„Ревизијата констатира дека исплатата на плата на непреземените државни службеници не е во согласност со извршените работни задачи, бидејќи дел од нив се работно ангажирани во други органи на државната управа, а примаат плата од Генералниот секретаријат. Поради ограничени просторни услови, некои од нововработените државни службеници не можат физички да присуствуваат на работното место. Наведените слабости претставуваат исплата на плата за неизвршена задача, како и трошење средства планирани за потребите на Владата за исплата на плата веќе планирана во друг раздел“, се вели во извештајот.
Во ДЗР утврдиле и дека во Владата сé уште постојат преголем број лица што се ангажирани преку агенции за привремено вработување, а кои спротивно на Законот вршат раководни функции и користат значителни средства за обуки, а потоа немаат обврска да ги имплементираат стекнатите знаења.
Ревизорите утврдиле проблеми и во однос на владините комисии за решавање предмети во управна постапка од втор степен. Имено, спротивно на деловникот на Владата, за членови на овие комисии биле избирани лица што не се државни службеници, а за секретар на одредена комисија било ангажирано лице што заминало во пензија. Ревизорите утврдиле дека за работа на вакви комисии на повеќе лица им биле исплатени околу 152.000 евра, а повеќе од половината од овие средства им биле исплаќани на лица што не решиле ниту еден предмет и на лица што решиле ист број предмети, а добиле различни надоместоци.
Во ДЗР сметаат дека Владата ненаменски потрошила безмалку 250.000 евра, и тоа за трансфери до здруженија на граѓани и фондации. Оттаму велат дека Владата ги доделила средствата осум месеци откако бил распишан повикот за донирање средства на проекти на невладини организации.
„Изборот на проектите не е сообразен со стратегиските определби на Владата ниту е врз основа на пишани критериуми за оценување на понудените проекти“, се вели во извештајот.
Во ДЗР информираат дека само 23 од 83 здруженија на кои им биле доделени средства ја испочитувале обврската најдоцна 30 дена по реализација на проектот да достават извештаи за искористените средства.
Ревизорите ја проблематизираат и постапката за јавна набавка за маркетинг-кампањите „Зголемување на почитта и толеранцијата меѓу луѓето“ и за „Промоција на значењето на семејството“, за кои биле потрошени околу 930.000 евра.
„Имено, извршена е евалуација како за неделив предмет за јавна набавка, а избрани се повеќе понудувачи, односно поделен е предметот на набавка. Така, при изборот е извршена комбинација на спотовите, односно избрани се понудувачи се помал број бодови од утврдените критериуми, со што ранг-листата од извршената евалуација е беспредметна“, се вели во извештајот.
Извор: Нова Македонија