19.05.2010 Кога лекарот ќе биде осуден за поткуп, никој освен судија не може да му изрече забрана за работа или да му ја одземе лиценцата. Иако дозволата за работа ја издава Лекарската комора, ова еснафско здружение не сака да преземе одговорност и да ја одземе во случај на забележан поткуп. Во Комората остро реагираа кога минатата година беше променет Законот за здравствена заштита и во него беше вметнат член што предвидува комората да може да им одзема лиценци на корумпирани лекари. Сега еснафот ја поздравува одлуката на Уставниот суд, кој го укина овој член од Законот. Се плаши ли комората да казнува подмитени лекари? Во развиените земји, но и во регионот, еснафските здруженија многу строго ги казнуваат своите подмитени колеги.
КОМОРАТА НЕМА ДА ОДЗЕМА ЛИЦЕНЦИ
Иако Лекарската комора, според статутот и кодексот, одлучува за давање и за одземање лиценци за многу случаи на неправилности и грешки во работењето, не сака да санкционира мито кога судијата не одредил дека за лекарот е забрането да врши дејност.
– Комората не се плаши да одзема лиценци доколку докторот е осуден со правосилна пресуда поради грешка или поткуп. Доколку судот одлучи покрај казната да изрече и забрана за работа, комората е должна да ја одземе лиценцата. Без судска одлука за забрана за вршење дејност ние не можеме да реагираме, зашто во статутот и во кодексот стои дека ги почитуваме Уставот и законите. А и Уставниот суд кажа дека само судијата може да одреди дали некој лекар ќе може или нема да може да работи – велат од Лекарската комора.
Со ставот на Комората не се согласува нејзиниот поранешен претседател проф. д-р Алексеј Дума. Тој вели дека и без укинатиот член во Законот, еснафот можел да казнува со одземање лиценца поради поткуп, особено поради тоа што се работи за прекршување на морално-етичките стандарди и професионализмот.
– Треба да се однесуваме како и коморите во развиените земји, кои се многу ригорозни, особено кога станува збор за корумпирани лекари. Активностите на комората треба да бидат гаранција за квалитет и „чистење“ на колегите, кои не може и не треба да бидат лекари. Затоа во развиените земји казните на коморите се многу строги – вели тој.
ЕСНАФОТ ВО АВСТРИЈА СУДИ ПРЕД СУДОТ
Д-р Дума објаснува – кој ја издава лиценцата, тој може и да ја одземе. Кога лекарот е осуден за поткуп со правосилна судска пресуда, треба да реагира Судот на честа во комората, без разлика на тоа дали судијата одлучил дека лекарот ќе добие забрана на вршење на дејноста или не.
– Без разлика на одлуката на судијата, оти тој може да заборави и да превиди, Судот на честа мора да расправа за овие прашања. Кај нас за тоа мора да има правосилна судска одлука за вина, па потоа да реагира комората. Во Австрија, пак, првата истрага ја прави Лекарската комора. Откако истрагата ќе заврши во еснафот, таа доказите потоа ги доставува пред суд. Ставот е јасен – не може да ти биде колега оној што се извалкал во професијата. Ние размислувавме да воведеме ваков модел и кај нас, но беше прескапо – вели д-р Дума.
Дума објаснува дека коморите многу често трајно м одземаат лиценци на огрешени колеги и во Германија, Словенија, а тоа го прави и еснафот во Франција.
– Строго се реагира кон колегите што грешат. Најголем дел од нив во иднина може да работат во дејноста во земјата, но не со пациенти, туку, на пример, во лабораторија – додава д-р Дума.
Проф. д-р Јован Тофовски, претседател на Македонското лекарско друштво, се согласува со својот колега и додава дека уцената на пациентот за мито е класично прекршување и на Хипократовата заклетва и на Женевската декларација.
– Токму и поради тоа коморите во развиените земји строго ги осудуваат колегите што ги уценуваат пациентите. Пред неколку дена, и во Индија, медицинската јавност остро реагираше за тоа што претседателот на Медицинскиот совет беше осомничен за поткуп – вели д-р Тофовски.
Д-р Кетан Десаи, претседателот на Медицинскиот совет на Индија, сам даде оставка од функцијата, откако кон крајот на април беше осомничен и приведен за примање поткуп. Централното биро за истраги го приведе оти наводно земал мито за давање дозвола за прием во приватен медицински колеџ во Патиала.
Пред нецела недела, Државниот совет на медицинските испитувачи во Џерси, му одзеде лиценца на лекар што вршел несовесни испитувања, издавал погрешни извештаи и наплатувал по надуени цени. И во земјите од регионот, коморите одземаат лиценци кога судот ќе осуди поради мито. Така, Судот на честа на комората во Србија, во септември минатата година најави дека ќе решава за одземање на лиценцата на Милорад Петровиќ, кој наводно од болен побарал 300 евра за операција на жолчката.
Се казнува за стручна грешка и за нерегулиран статус, а не за мито
Во последната деценија, Лекарската комора повела постапка за одземање 12 лиценци на лекари, но во ниту еден случај не се работело за мито. Исто така ниту еден од тие 12 лекари не останал без лиценца.
Од комората информираат дека сите ја обжалиле одлуката на Комората пред Министерството за здравство, а тоа не ги решило предметите. Така и лекарите ги задржале лиценците.
Инаку, одлуките за одземање лиценци биле носени поради стручна грешка, работење во лекарска област за која лекарот не се усовршувал, нерегулиран статус на работното место и работење во нерегистрирана установа.
Проф. д-р Дума, кој претседаваше со ова тело речиси 20 години, вели дека имале проблем оти судот не им ги доставувал пресудите.
Извор: Нова Македонија