20.05.2010 Правото на јавно искажување е суштествено право заштитено според Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човековите права и трпењето на последици поради користење со него претставува негова повреда. Токму тоа му се случи на г-дин Трајче Ристов кога преку ТВ медиум и откри на македонската јавност дека тој и повеќе од 400 други лица работат на познатиот археолошки локалитет Исар Марвинци без да добијат било каков надоместок повеќе од два месеци. Реакцијата на повиканите беше повеќе од жестока па господинот Ристов следниот ден ја извести јавноста дека е избркан од работа, токму поради повикување и објавување на информацијата во медиуми.
Кога како последица на анимирање на јавноста во врска со ваквите состојби ќе дојде до загуба на работата, тогаш ситуацијата е алармантна! Во Република Македонија покрај заштитата на правата од работа за лицата кои ќе пријават недоследности според Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и одредбите кои ги заштитуваат синдикалните работници друга формална правна заштита на правото на и од работа не е пропишана.
Во насока на давање на поддршка на заштитата на човековите прва, ги потсетуваме релевантните фактори на Резолуцијата на советот на Европа за заштита на овие лица (т.н. Whistleblowers) и укажуваме на потребата од донесување на посебен закон кој ќе ја регулира заштитата на лица кои пријавуваат недоследности.
Поради овој след на настани Транспарентност нулта корупција, врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побара од Министерството за Култура и од Управата за заштита на културното наследство информација за точната бројка на ангажирани лица за работа на археолошките локалитети и основот по кој се ангажирани.
Во насока на унапредување на владеењето на правото, и имплементација на одредбите од Законот спречување и заштита од дискриминација, истовремено ги повикуваме институциите да преземат мерки за одговорност на лицата кои биле вклучени во овој случај. Инспекторатот за труд, а уште повеќе министерката за култура, треба да ги преиспитаат постапувањата со лицата кои се ангажирани за работа на археолошките локалитети. На господинот Ристов му нудиме поддршка околу заштитата на неговите права.