14.10.2010 Судиите кои судат во неразумен рок ќе бидат разрешени, а доколку се укинат повеќе од 20 проценти од пресудите или се изменат 30 отсто од пресудите донесени од страна на еден судија, тоа може да биде основа за поведување на дисциплинска постапка. За судии во основните судови ќе можат да се кандидираат лица кои ја завршиле Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а унапредувањето во повисоките судови ќе биде само од пониските судови. Ова меѓу другото го предвидуваат измените на Законот за судови, кој од вчера е во собраниска процедура.
Според министерот за правда, Михајло Маневски, на ваков начин ќе се гради систем на кариера, кој ќе се заснова на објективна оценка на судиите. Квалитетот на вршењето на функцијата значи исполнување на неколку критериуми: познавање на странски јазик, воведување психолошки тестови и тестови за интегритет.
Во измените и дополнувањата на Законот за судовите Маневски посочи дека се воведува ново начело на транспарентност, што значи во рок од два дена судијата да ја објави пресудата на интернетската страница и во секој суд да се отвори канцеларија за односи со јавноста, така што граѓаните ќе можат да добијат информација за остварување на своите права.
За да се зголеми ефикасноста на судовите, ќе се прошири нивната надлежност и со новите измени и во локалните судови по градовите ќе може да се решаваат предмети со вредност на спор до 50.000 евра.
– На тој начин ќе се скратат трошоците на граѓаните кои за поголеми судски спорови од над 15.000 евра мора да патуваат во други градови, рече министерот.
Со Законот за судовите се предвидува основање на Виш управен суд, кој ќе одлучува по жалбите на одлуките од Управниот суд. Се предвидува поротниците да имаат високо образование. Според Законот за судија нема да може да биде избрано лице кое е во роднинска врска со член на Судскиот совет.
Министерот Маневски посочи дека дел од одредбите стапуваат на сила во 2013 г., а оние за поротниците од 2016 година.
Извор: Вечер