Ваквите правила не се необични во европските земји и во САД, каде што се почитуваат речиси целосно. Вакви или слични правила постојат и во етичкиот кодекс на домашните адвокати, но неретко никој не ги почитува.
Ако судија, адвокат или обвинител бидат видено заедно додека трае некој судски процес, тогаш тие очигледно не ја сфатиле целта на етичките норми во правосудната професија, вели адвокатот Александар Гоџо.
– Правилата и етичките норми на однесување се секаде исти. Истите правила важат и во Хаг. Никогаш не сум седнал на иста маса со судија или обвинител вклучени во процесот против Љубе Бошкоски – вели Гоџо, адвокат на одбраната на Бошковски во Хаг.
Експертите укажуваат дека нема ефикасна борба со непотизмот и судирот на интереси сé додека тоа законски не се уреди.
– Никој не може да забрани членови на исто семејство да се занимаваат со иста професија, но судството е посебна, трета власт. Дете и родител не смеат да бидат вработени во исти судови. Ако родителот е судија, тогаш детето како адвокат не смее да работи на предмети во истиот суд. Судирот на интереси или непотизмот е сериозна причина за разрешување, но кај нас досега ниту еден судија не е разрешен – вели Слаѓана Тасева, претседателка на невладината „Транспаренси интернешенел“.
За универзитетскиот професор Иван Џепароски нема дилеми дека ова се етички прашања, но откако точно ќе се дефинира што значат поимите непотизам и судир на интереси.
– Зборовите го добиваат своето значење според тоа како и за што се употребуваат. Сите ние интуитивно знаеме кога постои непотизам. На ниво на одделни институции постојат правила кој, како и што смее да прави. Во развиените земји јавноста има огромно влијание во утврдувањето на непотизмот – вели Џепароски.
Црковни привилегии
За да станеш свештеник, треба да имаш вујко владика. Оваа стара поговорка дава јасна слика дека непотизмот одамна е вкоренет и во редовите на верските институции. Верските аналитичари велат дека непотизмот никогаш не бил непозната категорија во црквата, што произлегувало од позицијата на моќ, која во православната црква ја имаат владиците. Тие се единствени и неприкосновени лидери на одредена епархија, а целото свештенство и другите црковни лица се потчинети и му одговараат на владиката. Неговиот благослов е клучен за сé.
– И владиците се луѓе. Своите синови и внуци се борат да ги вметнат во цркви што имаат поголем профит, што резултира со финансиска придобивка во семејството. Познато е дека децата на црковните лица ретко одат да служат во некоја селска црква – коментираат познавачи.
И во Македонската православна црква-Охридска архиепископија постои непотизам. Црковните лица никогаш не одрекле дека имаат син свештеник во друга парохија или внук студент на Теолошкиот факултет.
Цане Мојановски, верски аналитичар, смета дека не постојат јасни принципи што е непотизам, зашто кога одредена професија има определено влијание во развојот на некое семејство, често се случува да ја наследуваат и идните генерации. Затоа, според него, некои семејства со генерации произведуваат свештеници.
– Дали положбата на некој влијателен член од семејството може да влијае на положбата на невлијателниот член во семејството? Непотизмот кај нас може да се опише само како ситуација кога некој напредува во одредена институција врз основа на некој близок и влијателен член на семејството – објаснува Мојановски.
Свештенството од скопската епархија смета дека непотизмот не може во голема мера да влијае врз односот кон верниците, зашто ако на верникот не му се допаѓа одредена црква или начинот на служење на свештеникот, може да отиде во друга црква.
– Вербата во Бог и практикувањето на верата во православието е индивидуално. За квалитетен верски живот значајно е да има квалитетни и вистински верски водачи, кои ќе можат да ги внесат во религијата и најголемите скептици по ова прашање – коментираат црковните лица.
Светот има свои семејни функции
Непотизмот и судирот на интереси се често користени обвинувања во политиката кога роднини на политички моќници се форсираат на значајни позиции, без притоа да имаат соодветни квалификации.
Во Грција веќе децении наназад во политиката владеат две семејства. Доскорешниот грчки премиер Јоргос Папандреу кариерата ја почнал како пратеник на ПАСОК, партија што ја предводел неговиот татко Андреас Папандреу во 1981 година. Оттогаш Јоргос Папандреу континуирано извршува значајни функции во владите на неговиот татко или во онаа на уште еден поранешен премиер Костас Симитис.
Костас Караманлис, поранешниот премиер на Грција (2004-2009 г.) е внук на Константин Караманлис, основач на партијата Нова демократија и во повеќе наврати премиер на Грција.
За македонската јавност добро познатата поранешна министерка за надворешни работи Дора Бакојани е ќерка на поранешниот премиер на Грција, Константин Мицотакис. Нејзиниот брат Киријакос Мицотакис е член на грчкиот парламент.
Најконтроверзниот политичко-лидерски тим од двајца близнаци во поновата европска историја се Полјаците Лех и Јарослав Качински. Застанувајќи зад движењето „Солидарност“ на Лех Валенса, преку извршување на министерски и градоначалнички функции, братскиот двоец се искачи на врвот на полската политичка сцена. Во 2005 година Лех Качински ќе биде избран за претседател на Полска, за веднаш потоа да го назначи својот брат Јарослав Качински за премиер, иако претходно вети дека на братот-близнак нема да му даде висока функција.
Ништо подобро не е во Белгија и во Ирска, каде што феноменот на непотизмот се манифестира со фактот што истакнати членови на партиите го контролираат рангирањето на кандидатите на изборните листи, како и фактот што децата на ирските пратеници ги „наследуваат“ пратеничките места во парламентот.
Во светски познатото американско семејство Кенеди речиси немаше некој што не бил на високи политички функции. Роберт Ф. Кенеди беше државен обвинител, назначен од страна на неговиот брат, претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди.
Од позиција на поранешна прва дама на САД, Хилари Клинтон е одговорна за назначување на најмалку 11 функционери на високи позиции во администрацијата на својот сопруг Бил Клинтон.
Непотизмот не е непозната практика, но не се непознати и санкциите доколку се утврди судир на интереси или фаворизирање на блиски роднини и пријатели. Во Македонија по локалните избори во 2009 година по барање на антикорупциската комисија, а по наредба на партијата, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ мора да одлучат дали ќе бидат советници во советите на општините или, пак, ќе останат функционери во управните одбори на јавните претпријатија.
Што е што?
– Непотизам – фаворизирање роднини без да се води сметка за стручноста
– Кронизам – фаворизирање пријатели без да се води сметка за стручноста
– Судир на интереси – членови на семејство вклучени во работа од која имаат ист интерес
Извор : Нова Македонија