– Претставниците на ЕK имаа многу позитивно мислење за Државната програма за превенција и репресија на корупцијата. Пораката е сите институции-носители на активностите од програмата целосно да ја имплементираат – вели претседателот на антикорупциската комисија Воислав Зафировски.
Според него, Европската комисија ја оценила програмата, која ќе се спроведува до 2015 година, како сеопфатна, одлично ги детектира проблемите, а планираните активности одговараат со целите.
– И особено значајно, за разлика од досегашните програми, дадени се индикатори на ефективност, односно на влијание на конкретната активност врз целокупните општествени состојби. Досега се гледаа индикаторите на реализација на мерките, но непознати беа ефектите. Сега ефектот на мерките го имаме дефинирано преку мерливи индикатори – вели Зафировски.
На пример, според програмата, јавното обвинителство треба да има доминантна улога во истражните постапки. Тоа треба да се постигне со отворање истражни центри и со патагонски акти. Ефективноста на спроведувањето на оваа мерка ќе се мери преку бројот на кривични пријави кои се отфрлени поради застареност, кој треба да се намали. Една од антикорупциските мерки, објаснува Зафировски, се и контролите и ревизиите во здравствените установи. Ефективноста тука ќе се мери со бројот на контроли, бројот на позитивни наоди при контролите, бројот на донесени одлуки и мерки.
Програмата предвидува мерки за превенција и репресија на корупцијата во 12 сектори на општествениот живот, од политичкиот сектор до медиумите и граѓанското општество. Антикорупциската, меѓу другото, е задолжена и да следи како институциите ја спроведуваат програмата.
– Идејата е да се зајакнат капацитетите на комисијата за следење на имплементацијата на програмата, да се следи ефективноста и ефикасноста на државната програма. Kомисијата ќе проценува колку имплементацијата на активноста придонела кон подобрување на состојбите – објаснува Зафировски.
За да ја следи имплементацијата на програмата, Секретаријатот на антикорупциската, кој има 17 вработени, ќе вработи уште четири лица и ќе развие аналитички капацитети, вели претседателот на комисијата.
Извор: Дневник