Прекршочна пријава поради неподнесување на анкетен лист по стапувањето на функција заработиле Петрова Вера – в.д. директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија и Папазов Љупчо – киректор на КЈП Водовод – Кочани, се наведува во информациите од Антикорупциска. За неподнесување на анкетен лист по престанок на функцијата пак, прекршочна пријава антикорупционерите му поднеле на Димов Љубе, член на советот на Општина Кавадарци.
Според Законот за спречување на корупција избраните и именуваните функционери имаат рок од 30 дена до Антикорупциска да достават анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност, побарувања и долгови како и имот во сопственост на членовите на неговото семејство. Истата обврска важи и при напуштањето на функцијата.
Но, иако Законот има строги рамки за условите за потполнување на анкетен лист сепак санкциите за нивно неисполнување се многу ниски. Непочитувачите на овие одредби од Законот одговараат прекршочно, а глобите се од 500 до 1000 евра.
Имотот на Црвенковски засега помина само со прекршочна
Покрај тоа поради дадени нецелосни податоци во анкетниот лист или непријавена промена на имотната состојба Комисијата има поднесено барање до Управата за јавни приходи за покренување постапка за испитување на имотната состојба за шест лица меѓу кои Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ, поранешен претседател на Македонија, Арсенчо Алексовски, градоначалник на Општина Крива Паланка.
Црвенковски е под лупа на УЈП поради наводите на антикорупционерите дека додека бил претседател на Република Македонија тој не пријавил имот на Корчула и во Белград. Комисијата за истиот случај му поднесе и прекршочна пријава на Црвенковски.
Покрај овие, УЈП го „чешла“ потеклото на имотот и на Звонко Спасовски, претседател на советот на општина Кисела Вода, Добре Апостолоски, службено лице вработено во Министерство за внатрешни работи, Весна Гроздановска, службено лице вработено во Општина Битола и Митко Шатев, службено лице вработено во Управата за јавни приходи.
Од УЈП велат дека проверката на имотната состојба може да трае до година ипол, бидејќи станува збор за обемен материјал. „Треба да се земе предвид природата на имотот, податоците со кои располагаме и слично“, велат од Управата.
Оттаму додаваат дека по завршувањето на постапките ќе ја информираат Комисијата која е должна да ги објави нивните наводи.
Извор : Капитал