Претседателката на невладината „Транспаренси интернешенел Македонија“, Слаѓана Тасева, вели дека прелистувајќи го извештајот, може да се забележи дека корупцијата и понатаму останува клучен проблем.
„Кога го читам нашиот извештај, многу ме потсетува на забелешките што и’ беа упатени на Хрватска пред две години, кога од неа се бараше да покаже конкретни резултати во борбата против корупцијата. Европската унија уште еднаш ни кажа дека законодавната и институционалната рамка во земјава се веќе поставени, но сега од нас се бара нивно имплементирање. Од зборови мораме да преминеме на дела и во случаи за кои има основа, во законски постапки да се донесат издржани судски одлуки“, вели Тасева.
Таа укажува дека една од најслабите точки во земјава за справувањето со овој горлив проблем, всушност, е немањето политичка волја. „Кога би имало волја, државата лесно ќе се справи со корупцијата. Земјава има капацитет за тоа, но ни недостига волја да покажеме дека сакаме да се справиме со крупни корупциски скандали“, укажува Тасева.
Поранешните антикорупционери сметаат дека е време да се стави крај на политички мотивирани процеси и да се поведуваат реални постапки за вистински случаи, без разлика дали ќе се допре до некои битни политички фигури.
Со сличен став неодамна излезе и Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на Антикорупциската комисија. Тој изјави за „Утрински весник“ дека отсуствува организирана и осмислена антикорупциска политика на функционерите, бидејќи само со јака политичка волја може да се менаџира и да се спречи оваа појава. „Антикорупциската комисија треба да го креира темпото на антикорупцските политики. Но, не знам дали тие воопшто работат се’ уште, со месеци немаат никакви активности, што е поразително“, изјави Малиновски.
Последното истражувањето на „Транспаренси интернешенел – Македонија“ неодамна покажа дека даночниците на УЈП, инспекторите и судиите им задаваат најмногу мака на граѓаните. Дури 227 случаи на корупција во овие сфери биле пријавени минатата година. Најранливи категории кои подложат на корупција се и недвижностите, јавните набавки, судирот на интереси, полицијата, образованието, здравството, царината, финансирањето на политичките партии и изборите.
Вчера не успеавме да добиеме коментар од претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Љубинка Корабоска, за забелешките од извештајот на ЕК. По нејзиното поставување на функцијата за медиумите, таа изјави дека нема селективно да работат и дека секој што ќе се огреши ќе одговара. Минатата година Комисијата работела врз 716 предмети од областа на спречувањето на корупцијата, а од нив решени се 516. Комисијата поднела 13 иницијативи за кривично гонење, од кои девет во областа на спречување корупција во вршење на јавните овластувања, една од областа на спречувањето на корупцијата во вршењето работи од јавен интерес и три од областа на спречување на корупцијата во политиката.
Во Министерството за внатрешни работи сметаат дека од нивна страна многу активности се преземени за спречување на корупцијата.
„МВР и во иднина ќе посветува големо внимание во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Токму затоа во континуитет земјава бележи напредок на листата на повеќе меѓународни организации. Цениме дека има простор за зголемување на ефикасноста и ќе продолжиме пожестоко да се бориме“, вели помошник-министерот за информации во МВР, Иво Котевски.
Тој додава дека за полицијата нема мали или големи случаи – кон секој случај се пристапува поединечно и со максимална сериозност. Само минатата година се регистрирани 817 кривични дела од областа на финансискиот криминал за што се поднесени пријави за 1.538 лица. Има и два специфични случаја, со поголеми групи приведени, меѓу кои беа и 17 полицајци уапсени за местенки со сообраќајни несреќи. Претпоставената материјална штета, според МВР, изнесува околу 5,6 милијарди денари.
Од полицијата велат дека тие успешно го завршиле нивниот дел, но најголемиот дел од забелешките се однесуваат на случаите што биле процесуирани до судот, но не добиле судска разврска. Најчеста причина за тоа е одолжување на постапката, немање доволно докази или пропусти во судскиот процес, поради што корупциските скандали паѓаа пред судските инстанции.
Извор: Утрински весник