11.07.2013 Во Република Македонија постои слаба правна рамка и уште послаба практика во обезбедување на веродостојноста на финансиските извештаи на политичките субјекти кои учествуваат во изборите. Едновремено постои многу добра правна основа но изразено слаба примена на одредбите кои се однесуваат на транспарентноста и на државниот надзор над финансирањето на политиката за време на избори.
За проектот
Во период од три години (2010 – 2013) Транспаренси Интернешнл – Македонија во рамки на проектот КРИНИС – “Осветлување на парите во политиката” спроведе две истражувања и низа други активности насочени кон подигање на свеста, подобрување на легислативата и практиката во однос на транспарентноста на парите во политиката. Целта на овој проект беше да се постигне повисок степен на транспарентност и институционални промени преку вклучување на сите клучни засегнати страни и преку вреднување на практиките кои се спроведуваат при политичките финансирања.
Проектот се реализираше преку методологија утврдена од страна на Транспаренси Интернешнел, позната како Кринис методологија, која што вклучува следење на два различни вида на политичко финансирање и тоа: редовното финансирање на политичките партии и финансирањето на изборна кампања за парламентарни или претседателски избори.
Резултатите од првото истражувањето ги презентиравме во 2011 година, а резултатите презентирани во публикацијата: “Купување влијание: Парите и политиката во Република Македонија”, се однесуваат само на транспарентноста на финансирањето на политичките партии за изборната кампања на вонредните парламентарни избори во 2011 година.
kupuvanja_vlijanie_-_parite_i_politikata_vo_rm 1.41 Mb
Резиме:
Парите во политиката често ја претставуваат темната страна на изборите. Недостатокот на транспарентност во политичкото финансирање го загрозува легитимитетот и кредибилитетот како на државите, така и на демократски актери и процеси. Транспарентноста во политичкото финансирање е потребна, бидејќи недостатокот на доверба во политиката ја уништува довербата во системот и го намалува учеството на граѓаните во демократските процеси. Обезбедувањето транспарентност во финансирањето на политиката е од особено значење, не само за граѓаните коишто гласаат на избори туку и за остварување на услови за добро функционирање на системот на демократија.
Имајќи ги предвид овие работи, од особено значење е да се истакне улогата на државните контролни институции како на пример Државниот завод за ревизија (ДЗР) Државната изборна комисија (ДИК) и Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Доколку овие институции ја вршат работата соодветно, тогаш би било многу полесно да се лоцираат неправилностите како на пример непријавување на некои од изворите на финансирање. Покрај тоа, детално објавување на донаторите кои ги финансираат изборните кампањи е потребно со цел да се запре циркулирањето на пари од незаконски извори во политичкото финансирање.
Објавувањето на изворите на финансирање на политичките партии е неопходен елемент во системот на државно контролирање на политичкото финансирање, а претставува и битен предуслов за спроведување на правилата за границите односно лимитите на приходи и расходи во изборните кампањи, како и распределбата на средствата од јавни извори, односно од буџетот. Барањата за објавување се дел од широкиот сет норми што ги пропишува Изборниот законик во целина, но тие имаат особено значење кога станува збор за политичкото финансирање.
За да биде ефективно, објавувањето на информациите во врска со финансирањето на изборните кампањи има потреба од ефикасни контролни институции, административни ресурси, доволно буџет и образована работна сила. Политичките партии или индивидуални кандидати може да бидат доведени во искушение да не покажат транспарентност или пријавите што ги поднесуваат да прикажуваат една искривена слика за нивната финансиска активност од голем број причини. Една од причините за недостаток на поднесување извештај или погрешно пријавување може да биде приемот на поголеми донации во готово.
Резултати
Резултатите меѓу 0 и 10 се групирани во три категории за проценка: недоволно (0 до 3,3), просечно (3,4 до 6,7) и добро (6,8 до 10). Најслабa димензија според резултатите од истражувањето е: Веродостојноста на извештаите со просек од 2,9; Понатаму следуваат димензиите со просечни резултати: Казнени мерки 3,5; Превентивни мерки 3,8; Не – државен надзор 5,5; Државен надзор со збирен просек од 6,5; Објавување 6,6; Според податоците од истражувањето, Република Македонија покажува подобри резултати во однос на следните четири димензии и тоа: Опсег на извештаите 6,9; Поднесување извештај 7,5; Кноговодство 7,6 и длабочина на извештаите 7,8.
Од табелата може да се заклучи дека политичките партии во Република Македонија во однос на финансирање на изборните кампањи покажуваат подобри резултати во однос на правната рамка, додека во однос на праксата односно имплементацијата на законите, резултатите се значително пониски. Најголема разлика во однос на индексните поени меѓу законите и праксата покажува димензијата објавување на извештаите и тоа: 9,7 индексни поени во однос на правната рамка која што ја регулира оваа материја и 3,5 во однос на праксата на спроведување на овие закони. Понатаму, значителна разлика се забележува и во однос на димензијата државен надзор. Во однос на оваа димензија законите покажуваат резултат од 8,7 индексни поени наспроти праксата на спроведување на надзор над политичкото финансирање чиј што резултат е 4,3 поени. Значителна разлика меѓу законите и праксата се забележува и во однос на следниве димензии: Казнени мерки: 5,3 закони наспроти 1,7 пракса; Превентивни мерки: 4,8 закони наспроти 2,7 пракса; Помала разлика во споредбата меѓу законите и праксата покажуваат следните четири димензии: Книговодство на партиите: 7,7 закони наспроти 7,5 пракса; Поднесување извештај: 7,9 закони наспроти 7,1 пракса; Опсег на извештаите: 7,6 закони наспроти 6,1 пракса и Длабочина на извештаите: 8,1 закони наспроти 7,5 пракса. Димензиите веродостојност и не – државен надзор се засновани на перцепцијата на граѓаните и поради таа причина, за нив не постојат законски показатели.
Препораки
1. Подобрување на перформансите на државните надзорни институции
2. Поефикасно применување на законските одредби
3.Објавување на донаторите и нивните донации за изборните кампањи на политичките партии
4. Овозможување на идентификација на донациите во форма на медиумски реклами за време на изборната кампања
5.Воведување даночни олеснувања за приватните донации на политичките партии