16.07.2013 Здружението Transparency International – Macedonia Ве информира дека на 08.07.2013 година пред Уставниот Суд на Република Македонија поднесе Иницијатива со која го бара Судот да ја разгледа согласноста на одредбата од членот 37 став 1 точка 6 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија со членот 27 од Уставот на Република Македонија.
Иницијативата ја поднесовме откако беа разгледани повеќе пријави од граѓани со сомнеж за селективно спроведување на законската одредба од страна на службени лица на гранични премини на Република Македонија.
Според Уставот на Република Македонија граѓаните можат слободно да ја напуштат и да се вратат на територијата на државата.
Одземањето на патните исправи поради тоа што граѓанинот бил депортиран од странска држава не може да биде оправдано со ниеден од со Уставот точно определените случаи и околности.
Со оваа одредба по мислење на Transparency International – Macedonia се врши повреда на основните Граѓански и политички слободи и права и слободи утврдени и гарантирани со Уставот на Република Македонија.