Станува збор за првични наоди на Комисијата составена од Слаѓана Тасева и Драган Малиновски која во изминатите три месеци ја контролираше документацијата за изградбата на споменици и други објекти во општината, во период додека со нејзе раководеше претходниот градоначалник Владимир Тодоровиќ, а мнозинството во Советот беше од ВМРО ДПМНЕ.
„Во периодот од 2007 до 2013 година, за изведбата на спомениците и пропратните содржини од централниот буџет се префрлени на сметката на Општина Центар вкупно 3.551.068.000,00 денари или 58.023.986,00 евра, за кои нема законска оправданост“ – оценила Комисијата.
Во овој прв дел од работата на комисијата била анализирана правната рамка и процедурите по кои постапувала Општината, при што „комисијата воопшто нема дилеми“ дека се постапувало надвор од законите и дека општина Центар практично немала надлежност да постапува во овој тип споменци и да гради објекти на река Вардар.
„Со игнорирањето на законите кои ја уредуваат оваа сфера, раководните структури во општината Центар свесно се впуштиле во спроведување на проекти кои не се во нејзина надлежност, додека пак централната власт, олицетворена преку Министерството за култура, ја поттикнала таквата незаконитост со доставувањето на писмени иницијативи до Советот на општината за поставување на спомениците“ – заклучила Комисијата.
Притоа комисијата од податоците што ги имала на увид, зашто за некои проекти и немале податоци, дошла до заклучок дека прекршувањето на законите и процедурите се правени на тој начин што програмите за спомен обележјата се носени отпосле, колку да се има покритие, дека одборите што ги спроведувале конкурсите за идејните решенија и за тендерите за самата изградба на спомениците не ја следеле работата до крај, дека условите на тендерите се менувале после првично донесените решенија, а имало и други прекршувања.
Инспиратор – Министерство за култура
За периодот што бил предмет на работа на Комисијата, документите покажале дека врз основа на 12 иницијативи се подигнати вкупно 25 спомен обележја.
„Најголем дел од постапките се водени врз основа на иницијативи поднесени од страна на Министерството за култура и една иницијатива за три спомен обележја поднесена од страна на политичката партија ДУИ. На овој начин со поднесени вкупно 12 иницијативи подигнати се вкупно 25 спомен обележја. Во сите свои иницијативи Министерството за култура посочува дека станува збор за “… истакнати историски личности од историјата на Република Македонија кои се од исклучително значење за развојот на државноста и за државно – правниот континуитет и се вградени во историскиот развој на Република Македонија“. Описот на ликовите даден во иницијативите се совпаѓа во целост со законската дефиниција за меморијален споменик“ – оценува Комисијата.
Покрај ова комисијата констатирала дека се прекршени и процедурите откако ќе се тргнело во реализација на некој проект.
„Од постапките за изведување на спомен обележјата и другите објекти во периодот од 2007 до 2012 година на Комисијата и беше направена достапна документацијата за објавени 24 конкурси за изработка на идеен проект. Во објавените конкурси наведена е пресметковна вредност на спомен обележјата, која најчесто суштествено се разликува од сумите во потпишаните договори за изработка на идеен проект и изработка на модели скулптури и релјефи и договорите за изведба на спомениците (лиење и мермер)“, оценила Комисијата.
Карев – од бронза до мермер и назад
Констатирано е прекршување и на Законот за јавни набавки, а како еклатантен пример е наведен споменикот на Никола Карев пред Собранието.
Споменикот на Никола Карев – еклатантен пример за прекршување на Законот за јавни набавки
„Некои од барањата кои се содржани во огласите за јавни набавки како елиминаторни ја оневозможуваат и реално ја исклучуваат конкурентноста, а постојат и примери во кои вредноста и видот на спомен обележјето што требало да биде изградено се мeнувале во текот на постапката“ – вели Комисијата.
Како илустрација наведено е решението на градоначалникот за јавна набавка –лиење во бронза на коњаничка скулптура на Никола Карев од 5 милиони денари. Две недели подоцна кога решението треба да се објави во Службен весник, градоначалникот донел ново решение за измена на претходното, со кое вредноста наеднаш пораснала на 45 милиони денари, со образложение дека споменикот ќе се гради во мермер. Комисијата направила увид на самото место при што констатирала дека споменикот е излиен во бронза.
Поради ваквите и бројни други наоди комисјата заклучила:
Општината Центар немала надлежност за изведување на овој тип на објекти
Општината Центар немала надлежност за изведување објекти на реката Вардар.
Градоначалникот на општината Центар не постапил согласно својата законска надлежност и должност за контрола на законитоста на прописите што ги носи советот на општината
Сериозно е нарушено функционирањето на правната држава, односно владеењето на правото и тоа како на локално, така и на централно ниво
Насочувањето на парични средства за оваа намена од централниот буџет на сметката на Општина Центар нема законска оправданост
Реализација на проектите се одвивала на начин кој создава простор за нерегуларности и злоупотреба на буџетските средства
Во многу значајни фази од постапката реализацијата на проектите била оставена без јасно видлива и ефективна контрола
Комисијата која е составена по барање на актуелниот градоначалник Андреј Жерновски и таа има рок од 6 месеци да ја заврши својата работа. Членовите на Комисијата Тасева и Малиновски најавија дека во вториот дел од работата ќе се фокусираат врз подетална анализа и евалуација на спроведените постапки за јавни набавки за финална изведба на спомен обележјата.
Извор: http://javnost.mk/?p=5438