
Работилниците во организација на Транспаренси Интернешнл Македонија се во рамките на проектот Поддршка на независни медиуми во Република Македонија, што се спроведува заедно со британската невладина организација ЕРИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија.
Со дел од новинарите и уредниците од 24 Вести, нашите експерти Марина Тунева од Скопје и Мартин Хакерби од Лондон разговараа и работеа на теми како што се одбирање на вистински агол при известување од настан или при соопштение од официјален извор, потоа на техники на убаво пишување, како и разработка на хипотетички сценарија за тв сторија, при што посебен осврт се даде на употребата на сликата, односно видео инстертирањето и покривање на текстот. Еден дел од работилницата беше посветен и на анализа на главната информативна емисија на ТВ 24 вести, при што се анализираше генерално содржината на вестите, но и во детали, еден од прилозите што биле емитувани.

Новинарките и уредничките на овој медиум учествуваа и во познат модел на вежба што го препорачува Советот на Европа, кој што се состои од продукција на новинарска содржина во лабораториски услови, преку три групи: собирачи на факти, модератори и уредничкии тим.
Работилниците се одржаа во Скопје и во Штип. Со овие две работилници заврши првиот дел од тренинг фазата во проектот. Веќе од втората половина на јуни следува нов круг работилници за учесниците во овој прокет, кои ќе бидат наменети на една тема, различна според специфичните потреби за секој медиум, а ќе бидат искористени и за развој на истражувачкото новинарство.