Моја роднина на 42 години почина од рак на белите дробови. Докторот кај кој што ја имав однесено во Скопје ми ја соопшти фаталната прогноза. Го прашав како е можно релативно млад човек кој не е пушач и кој животот го минува во една од најубавите воздушни бањи во Македонија да има ваква дијагноза. Ми одговори дека, за жал, во Преспа имаа многу такви дијагнози. Негова претпоставка тогаш беше дека виновникот за бројните дијагнози на рак на белите дробови токму во тој регион се пестицидите кои масовно се користат во процесот на производството на славното преспанско јаболко. Тука започна и мојата љубопитност за фаталната чистота на преспанскиот воздух.
Години подоцна дојдов до поконкретни податоци кои што хипотезата на мојот пријател доктор ја прават се поверодостојна. Според податоците на Заводот за здравствена заштита инцидентата на рак во преспанско е над републичкиот просек. Според податоците од Институтот за јавно здравје во Ресен стапката на смртност предизвикана од малигни заболувања во 2013 година е во просек 214 лица на 100.000, додека републичкиот просек е далеку под оваа бројка и изнесува 177 на 100.000 жители. Според истите податоци, најголемиот број на смртни случаи кај машката популација е од рак на белите дробови.
Оваа иста 2013 година Светската здравствена организација предупреди дека главна причина за канцерогените болести е аерозагадувањето.
Што е причината за оваа висока инцидента на рак во Преспа
Кој ја познава Преспа нема потреба од посебни докази дека регионот не е изложен на индустриски фактори кои би воделе кон претпоставка дека постои аерозагадување. Тоа ќе го покажат и мерните станици кои можат да ги регистрираат овие честички во воздухот кои потекнуваат од индустриско загадување.
Преспа е земјоделски регион со 4.200 регистрирани земјоделци и 2.500 регистрирани земјоделски стопанства. Дека тие се занимаваат во најголемиот процент со производство на јаболка кажува и самиот споменик на јаболкото изграден во центарот на Ресен. Јаболковите насади во Преспа се простираат на речиси 7 илјади хектари. Преспанското јаболко беше познато од Вардар па до Триглав како што се народски опишуваше просторот на поранешната ЈУ федерација со нејзиниот 20 милионски пазар на кој се консумираше овој македонски бренд со што на Преспа и беше обезбеден сосема пристоен социоекономски статус.
Преспа очигледно има поволна почва и клима за одгледување на јаболкото, но исто така и геоклиматски фактори кои преспанското јаболко го прават чувствително на различни болести.
„Преспа има лоша географска положба, нема доволно провев со што се создаваат услови за појава на болеста кај јаболкото позната како пламеница или народски, рак на јаболкото“, ни вели Фросина Ѓорѓиевска, инженер технолог кој раководи со агрохемиската лабораторија во Ресен.
Чувствителноста на јаболкото како земјоделски производ подразбира употреба на пестициди кои јаболкото би го одржале здраво од неговиот зародиш на пролет до бербата во октомври.
„Најголемиот број од пестицидите кои се употребуваат при третманот на јаболкото се хемиски препарати со исклучително токсични состојки. Каптанот се користеше како боев отвор во Првата светска војна, ланатето е препарат кои често се користи за да се трујат уличните кучиња“, ни вели сопственик на една земјоделска аптека во Ресен кој бараше да остане анонимен.
Професорот на земјоделскиот факултет Слободан Банџо вели дека не се проблем самите состојки во пестицидите туку начинот на кој тие се применуваат. Во Преспа не се знае кој кога прска.
„Јаболкото се третира во просек меѓу 20 и 25 пати во текот на сезоната додека во Италија, која е и најголем извозник во Европа, бројот на тие прскања не е повеќе од 15 во зависност од временските услови во текот на сезоната“, вели професорот Банџо и напомнува дека станува збор за сериозен проблем кој бара сериозен и систематски пристап.
За илустрација, во отсуство на институционален третман на овој проблем ни посочи дека последното издание на Прегледот на пестициди кај нас е објавено во 2000 година. За разлика од нас само во соседството ќе видите дека вакви изданија се објавуваат секоја година со оглед од потребата на земјоделците да им се обезбеди релевантна информација за обработката на земјоделските производи со пестициди.
Во Македонија од 2011 е воведена таканаречената зелена листа на пестициди која е усогласена со онаа на ЕУ што подразбира дозвола за употреба на помалку опасни пестициди. Од тогаш во нашите земјоделски аптеки е дозволено да се продаваат само препарати кои се регистрирани на оваа листа.
„Самата листа е добра работа но не и решение“, вели професор Банџо. „Препаратите од таа листа ги содржат сите токсични елементи. Прашањето е во тоа како тие се користат“, нагласува тој.
Дека нема контрола на процесот на примената на пестицидите ни потврди и поранешниот претседател на федерацијата на фармерите Андрија Секуловски кој по потекло преспанец и самиот одгледува јаболка.
„На земјоделците треба да им се помогне со служби кои ќе им помогнат да им кажат кога и со што и колку се прска“, вели Секуловски. За пример ги посочува Италија и Баварија како најголеми производители на јаболко. „Таму, вели Андрија Секуловски, постојат институти кои се занимаваат научно со процесот на одгледувањето на јаболката, а тоа знаење ефикасно им се пренесува на земјоделците“.
Проблемот на отсуство на соодветна контрола на примената на пестицидите го воочил и Инспекторатот при министерството за земјоделие. Раководителот на инспекторатот вели дека дополнителен проблем е и застарената опрема со која се аплицира пестицидот. Технолошки застарените атомизери на прскалките исфрлаат повеќе пестициди а нивната ефикасност е мала , вели тој.
Неконтролираната примена на пестицидите е предмет и на еден од проектите на Програмата за развој на ООН. Со нивна помош се поставени современи технолошки апарати кои би требало да предупредат на временски услови кои овозможуваат создавање на болести кај јаболкото. Податоците од тие апарати се користат за да се информираат земјоделците да знаат кога да прскаат. Пораките им се праќаат преку смс или се објавуваа на ФБ страницата креирана за оваа намена. Дел од земјоделците ги следат препораките, но голем дел немаат голема доверба и се држат до традиционалното познавање наследено од татковците и дедовците.
„Јас си прскам по рецептот што ми го има оставено мојот дедо. Имам пестицид каптан уште од тоа време и секогаш кога имам проблем со јаболкото си го решавам како што тоа правеше дедо ми“, ми вели еден мој познаник одгледувач на помала количина на јаболка во Преспа
Овој проект на ЈУ ЕН ДИ ПИ експертите го оценуваат како позитивен чекор, но сепак недоволен за да се реши комплексноста на проблемот.
Прскањето е добар бизнис
Со начинот на кој се третира јаболкото во Преспа се трошат околу 1300 евра за пестициди за обработка на еден хектар јаболков насад. Преспанските 7 илјади хектари по некоја наједноставна математика трошат скоро 10 милиони евра за пестициди. Станува збор за големи профити. Професорот Банџо вели дека дилерите на пестициди сами ги поттикнуваат земјоделците да прскаат повеќе за да го задржат и зголемат профитот. Дилерите во Македонија продаваат препарати онака како што е тоа законски регулирано од зелената листа, но сама по себе таа листа не значи и гаранција дека пестицидите се користат на начин и во количина кои се ефикасни за одржување на јаболкото а безбедни по здравјето на луѓето.
Проблемот се јавува и со преголемата маржа на македонските дистрибутери на пестициди што пак директно го поттикнува шверцувањето од соседни држави.
Инспекторатот при министерството за земјоделие има информации дека често се носат препарати од Албанија и Грција на “црно” . Таму тие препарати се понекогаш и 50% поевтини од истите кај нас. Внесувањето на црно на пестицидите уште повеќе ја оневозможува и контролата на концентрацијата на поедини исклучително токсични супстанци во пестицидите. „ На црниот пазар има се и сешто“ велат во инспекторатот.
Еден од проблемите кои го стимулира шверцот е слабиот стандард на земјоделците. Новите препарати од зелената листа се скапи за нив па се обидуваат проблемот да го решат на алтернативни начини, ни рече професорот Ичокаев кој работеше на поопсежно истражување на преспанскиот регион и изворите на загаденоста на водата во Преспанското езеро.
Во државниот инспекторат ни рекоа дека покрај шверцот на пестициди голем проблем предизвикувала и употребата на пестицидите со изминат рок. Во 2011 година Инспекторатот открил и уништил 30 тони пестициди со изминат рок.
Последици по животната околина
Во текот на истражувањето дојдов до егзактни податоци за загадувањето на човековата околина предизвикано од пестицидите. Направена е обемна студија за заштита на Преспанското езеро во рамки на проект подржан од Програмата за развој на Обединетите нации ( UNDP ). На проектот работел во текот на повеќе години броен експертски тим.
Во водите на сливните реки кои се влеваат во Преспанското езеро но и во водите на самото езеро пронајдовме ДДТ и ДДД. Тоа се супстанци забрането во Европа веќе 30 години. Тоа се многу токсични супстанци со летално дејство, ни рече професор Светислав Крстиќ кој бил дел од истражувачкиот тим. Според неговото тврдење, овие супстанци се нашле во водата од употребата на пестициди, а фактот што се уште ги има значи дека се употребуваат.
Покрај ДДТ и ДДД пронајден е и Хептахлор, но и бета , гама и делта ХТЦ кои се, исто така, екстремно токсични материи кои се остатоци од пестицидите.
Професорот Банџо ни појасни дека овие пестициди доаѓаат во водата поради неконтролираната употреба но и поради тоа што садовите кои се користат за подготовка на препаратите се мијат во водите на реките кои се сливаат во езерото.
Дополнително, проблемот се детектира и во исто така неконтролираното наѓубрување на насадите со ѓубрива кој содржат азот и фосфор.
Со цел да се ублажат ваквите последици од употребата на пестицидите, Програмата за развој на ООН поддржа проект за инсталирање на посебни контејнери во регионот во кои би се собирал токсичниот отпад и амбалажата од пестицидите. За жал како што ни рече и Фросина Ѓорѓиевски, која раководи за агрохемиската лабораторија во Ресен која работела на имплементацијата на проектот, контејнерите за кратко време се претворени во обични места за отпад. Имав можност и самиот да се уверам.
Пестицидите и социоекономскиот развој
Родот на јаболка минатата 2013 години според изјавите на тогашниот министер за земјоделие е 100.000 тони кои на Преспа како што вели тој би требало да и донесат приход од 25 милиони евра. Прозиведената количина би можела да донесе и поголеми приходи доколку се отвори патот до поконкурентните пазари на кои може да се постигне повисока цена. Минатата година големи количини од бербата се продадоа за само 8 денари по кило, што на производителите едвај им ги отплати парите инвестирани во производството.
Преспанските јаболка се продаваат во главно на пазарите во Босна, Црна Гора и Србија.
Во ЕУ речиси и да нема извоз иако согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација јаболката на пазарите во ЕУ може да стигне ослободена од царини што ја прави поконкурентна. Во разговорот со еден од трговците ми беше речено дека европскиот пазар има високи стандарди кои преспанското јаболко не ги задоволува. Еден од стандардите на европскиот пазар е и тој јаболкото да биде чисто од пестициди.
Минатата година српските медиуми објавија дека голема количина на јаболка било вратени од Русија поради тоа што е најдена зголемена концентрација на пестициди. Српските медиуми пренесоа и изјава од Стопанската комора на Србија според која станува збор за јаболка кои во Србија се увезени од Македонија, а подоцна реекспортирани од Србија во Русија. Побарав објаснување за оваа изјава во српската комора, но до денеска, и покрај моето инсистирање не добив одговор од каде точно и од кого биле увезени спорените јаболка. Изјавата на српската комора секако причинува штета за брендот на македонско јаболко, па се обратив до Стопанската комора во Македонија да добијам повеќе информации. За жал, ни кај нас не поминав подобро и одговорот кој го чекам еден месец се уште не пристигнал на мојата маил адреса.
Во државниот инспектората ми рекоа дека испитувале скоро 80 примероци на јаболка согласно законот и дека во ниту еден примерок не се најдени зголемени концентрации на пестициди. Сепак, професорот Крстиќ вели дека при нивниот истражување се пронајдени пестициди и во јаболката. Наспроти домашната инспекција, онаа во земјите членки на ЕУ има поинакви наоди. Па така минатата година од Романија се вратени јаболки со зголемени концетрации на пестициди што беше регистрирано и во системот за безбедност на храната на ЕУ.
Професорот Банџо не го зачудува тоа што во некои јаболка има пестициди иако тие се разградуваат, па ретко се наоѓаат во самиот плод. Некои земјоделци прскаат многу доцна за да се избегне некои од ризиците од болести пред самата берба па останува малку време да се разгради пестицидот поради што не ја исклучувам можноста во такви ситуации во плодот да има резидуи од пестициди, вели професор Слободан Банџо.
Има ли решение?
Во државниот инспекторат целосно е препознаен проблемот во целата негова комплексност. Како што ни рекоа, во тек е изработка на нов закон кои би овозможил секој насад да има нешто што во народот е познато како матичен лекар. Во тој случај како што ни рекоа земјоделците би биле обврзани да ги третираат јаболката на соодветен начин и под стручен надзор. Како кога човек е болен, тој треба да добие релевантен фармаколошки третман. Ако тој третман не е соодветен тогаш терапијата може да направи уште поголема штета, ми појаснија во инспекторатот. Што точно ќе донесе тој закон се уште не се знае но во тек е негова подготовка.
Професорот Ордан Чукалиев, сугерира потреба од воведување на таканаречениот ГЛОБАЛГАП систем кои предвидува водење на прецизна документација за тоа како се третира јаболката во целата псотапка од цветот до бербата. Овој систем овозможува конторла но воедно сертификатите од тој систем се неопходни за пласман на производот во големите трговски ланци во Европа. Доклку се воведе тој ќе ги натера земјоделците да се прилагодат на тие стандарди но воедно ќе им донесе и подобар пласман и цена на производот, вели професор Чукалиев.
Тој нагласува дека во тој контекст државата наместо да ги дава субвенциите само на квантитет би можела тие средства да ги искористи да им помогне на земјоделците да ги имплеметираат тие стандарди.
Слобода на говор, здравјето и човековата околина
На крајот со моите читатели сакам да споделам и впечатоците од текот на ова истражување.
Работејќи во Ресен имав сугестија да се сретнам со еден пензиониран државен чиновник кој го познава добро проблемот. Успеав да го добијам на телефон за да го поканам на разговор. Ми рече дека многу добро знае за што станува збор, но дека би било лошо по него доколку во чаршијата го виделе дека пие кафе со мене. Како алтернатива му понудив да зборуваме на телефон, но за жал беше убеден дека мојот телефон се прислушува. Му реков дека само се обидувам да отворам една тема која се однесува меѓу другото и на здравјето на неговите деца и внуци кои живеат таму. Не помогна мојот аргумент.
Требаше да се видам и со докторка од Институтот за јавно здравство која исто така ја познава материјата на ова истражување. Во телефонски разговор ми рече “знаете какви се овие времиња не би сакал ништо да зборувам” . Конечно се обидував да стапам во контакт со градоначалникот на Ресен или некои од службениците кои се надлежни во оваа област. Сите обиди завршија без успех. Штета. Да имавме јавност може би во моментов кога го завршувам овој тескт во Брисел наместо италијансково мало непрскано јаболко ќе имав можност да јадам преспанско по цена барем колку италијанскава, 2 евра за кило.
Автор: Борјан Јовановски
Истражувачката приказна е напишана во рамките на проектот „Поддршка на независни медиуми во РМ: Застапување и обуки за промовирање и почитување на најдобрите меѓународни практики“, поддржан од ЕУ, преку ЕИДХР, а спроведуван од Транспаренси Интернешенл Македонија и Electoral Reform International Services (UK).
Единствена одговорност за содржината на сторијата ја сноси авторот и таа не може да се толкува како како поглед на Европската Унија, ТИМ или на ЕРИС