Заспаната убавица и отровното јаболко

apples.jpg 10.11.2014 Преспа ја познавам од дете и покрај сите убавини со кои таа се опишува запаметив дека една од карактеристиките е и чистиот воздух. Доказ за тоа беше и Клиниката за белодробни заболувања изградена во Отешево во далечните седумдесетти години од минатиот век. Оваа убава асоцијација на Преспа со здравјето ми ја сруши една трагична случка.

Моја роднина на 42 години почина од рак на белите дробови. Докторот кај кој што ја имав однесено во Скопје ми ја соопшти фаталната прогноза. Го прашав како е можно релативно млад човек кој не е пушач и кој животот го минува во една од најубавите воздушни бањи во Македонија да има ваква дијагноза. Ми одговори дека, за жал, во Преспа имаа многу такви дијагнози. Негова претпоставка тогаш беше дека виновникот за бројните дијагнози на рак на белите дробови токму во тој регион се пестицидите кои масовно се користат во процесот на производството на славното преспанско јаболко. Тука започна и мојата љубопитност за фаталната чистота на преспанскиот воздух.