Нема еднакви можности за сите
Корупцијата и нееднаквоста се хранат една со друга, создавајќи магичен круг помеѓу корупцијата, нееднаквата дистрибуција на моќ во општеството и нееднаквата дистрибуција на богатството. Како што покажаа Панамските документи, на богатите и моќните сè уште им е многу лесно да ја искористат нетранспарентноста на глобалниот финансиски систем со цел да се збогатат на сметка на заедничкото добро.
„Во многу земји луѓето се лишени од најосновните потреби и секоја вечер си легнуваат гладни заради корупцијата, додека моќните и корумпираните уживаат во раскошен живот и неказнивост,“ рече Хозе Угаз, Претседател на Транспаренси Интернешнел.
Ние го немаме луксузот на времето. Борбата против корупцијата е потребна итно за да можат да се подобрат животите на луѓето секаде на светот,“ додаде Угаз.
Случаите на крупна корупција, од Петробрас и Одебрехт во Бразил до украинскиот екс-Претседател Виктор Јанукович, покажуваат како нелегалната спрега помеѓу бизнисите и политичарите одзема милијарди долари од националната економија кои биле извлечени надвор во корист на малкумина, а за сметка на мнозинството. Овој вид на крупна корупција ги крши човековите права, го спречува одржливиот развој и ја поттикнува социјалната исклученост.
Скорот на индексот на Бразил, на пример, значително падна споредено со тој од пред пет години со оглед на тоа што беа откривани корупциски скандал по скандал во кој беа инвилвирани политичари од самиот врв и бизнисмени. Сепак, земјата годинава покажа дека преку работата на независни тела за спроведување на законите може да се добие отчетност од оние кои претходно се сметаа за недопирливи.
Популизмот е погрешниот лек
Луѓето се заситени од многуте празни ветувања на политичарите за борба против корупцијата и многумина се вртат кон политичари-популисти кои ветуваат дека ќе го сменат системот и ќе го прекинат кругот на корупција и привилегии. Сепак, тие можат само да го продлабочат проблемот.
„Во земјите со популистички или автократски лидери често гледаме пад на демократијата и загрижувачки модел на обиди да се скрши граѓанското општество, да се ограничи слободата на медиумите и да се ослабне независноста на судството. Наместо борба против крони-капитализмот, тие лидери обично воспоставуваат уште полоши форми на корумпирани системи,“ вели Угаз. „Само онаму каде што има слобода на изразување, транспарентност во сите политички процеси и силни демократски институции, граѓанското општество и медиумите можат да ги држат отчетни оние кои се на власт и борбата против корупцијата може да биде успешна.“
Резултатот од индексот на Унгарија и Турција, земји каде што автократските лидери се во подем, падна во последните години. За разлика од нив, резултатот на Аргентина, која што се ослободи од популистичката влада, почнува да се подобрува.
Што треба да се направи
Техничките поправки на одредени анти-корупциски закони не се доволни. Тоа што сега итно е потребно се длабоки системски реформи кои ќе ја запрат растечката неврамнотеженост во моќ и богатство преку зајакнување на граѓаните за да ја запрат раширената неказнивост за корупција, да ги држат отчетни оние со моќ и да имаат вистински глас во носењето одлуки кои влијаат на нивниот секојдневен живот.
Овие реформи мораат да вклучат откривање сопствениците на компаниите преку јавните регистри, како и казни за службениците кои се соучесници во трансферот на пари од корупција преку границите.
Резултатите
Инедксот на перцепција на корупцијата за 2016 година ја покрива перцепцијата на корупцијата во јавниот сектор во 176 земји. (Линк до индексот)
Данска и Нов Зеланд со скор 90 имаат најдобар резултат, по нив следат Финска (89) и Шведска (88). Иако ниту една земја не е без корупција, државите кои се на врвот делат карактеристики како отворена влада, слобода на медиумите, граѓански слободи и независни судски системи.
Веќе десетта година по ред Сомалија стои најлошо на индексот, годинава со резултат од само 10. Јужен Судан е веднаш над дното со скор од 11, по него следат Северна Кореја (12) и Сирија (13). Земјите на дното на индексот се карактеризираат со раширена неказнивост за корупција, лошо владеење и слаби институции.
Земјите од проблематични региони, особено Блискиот Исток, направија суштински падови годинава. Катар го има најголемиот пад споредено со индексот за 2015 година, и тоа за 10 поени. „Скандалите поврзани со ФИФА, истрагите во врска со одлуката светското првенство во 2022 година да се одржи во Катар и извештаите за кршење на човековите права на работниците-мигранти јасно влијаеја на перцепцијата за земјата,“ рече Угаз.
ИЗЈАВА од Д-р Слаѓана Тасева – претседател на ТИ Македонија
Проблемот со корупцијата ескалира. Република Македонија забележа историски и глобално најголем пад на ранг листата на Индексот за перцепција на корупцијата кој денеска го објави Транспаренси Интернешнел.
Владата на Република Македониа, која повеќе години водеше политика заснована на клиентелизам и интереси, не само што ги занемаруваше сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата, туку со воспоставувањето на системот на заробена држава го оневозможи работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата.
На овој начин се создаде силно изразен систем на заштита на корумпираните и систем во кој наспроти правото владеат интереси.
Овој систем мора да се замени со систем во кој ќе владее правото, а институциите ќе бидат ефикасни и ќе преземат сериозни мерки за справување со корупцијата како проблем од висок приоритет.
Резултатот од годинешниот ИПК бележи фрапантен пад за 24 места, а Р. Македонија сега го зазема ниското 90-то место од вкупно 176 рангирани држави. Резултатот заснован на седум нови истражувања укажува на тоа дека корупцијата е согледана како сериозен проблем за развој на економијата, за владеење на правото, за странски инвестиции и за стабилна демократија. Тоа создава недоворба на граѓаните во капацитетите на државата и институциите. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени, а ланецот на корумпираност во високите ешалони на сите власти да се прекине. Тоа е одговорност на Престесдателот на државата, на новоизбраните пратеници, на оние кои ќе формираат влада, на вработените во институциите и во судството.
Тоа е одговорност и на граѓаните кои ги охрабрувам да и се спротистават и да ја оневозможат корупцијата во име на иднината.