06.10.2017 Транспаренси Интернешнл – Македонија во соработка со Зелена Лупа одржаa прес-конференција на која беа презентирани наодите од анализите на кривичните предмети „Отпад” и „Музеи на Македонија” подготвени од страна на експерти во рамки на проектот „Сите заедно по патот до правдата“ поддржан од страна на програмата ЦИВИКА МОБИЛИТАС.
На настанот присуствуваа експертите кои ги изготвија анализите на наведените предмети, како и претставници на македонските медиуми. Во воведниот дел на прес конференцијата Д-р Слаѓана Тасева, Претседател на ТИ – Македонија, ги презентираше досегашните активности во рамките на проектот и посочи дека граѓаните пристапија до ова тело за да ги преиспитаат постапувања на надлежните органи со цел да се оцени дали биле почитувани законите и дали надлежните се раководеле согласно приципите пропишани во законите. Во овие анализи се констатирани неправилности во постапките, а најчестите се дека судот не обезбедил доволно докази или пак немало основа да се утврди постоењето на кривичното дело, како и редица други неправилности.
Поранешната судијка на Врховниот суд на РМ, Милка Ристова, како член на Експертскиот совет го анализираше предметот „Музеи на Македонија“, во кој констатираше дека во целиот кривично-правен настан судот не располагал со докази со кои го товари осуденото лице, а исто така судот не дава образложение зошто лицето е во притвор, ниту пак зошто не се утврдува поблага казна. Наведе и дека ваквите казни отстапуваат од поранешната судска практика така што елементите на кривичното дело се доведени во прашање.
Како член на Експертскиот совет поранешниот јавен обвинител Георги Настевски на прес конференцијата се обиде да ги сублимира наодите кои ги изнесува во анализата на кривичниот предмет „Отпад“. „Од изведените докази може да се воочи дека има незаконска пресуда бидејќи има низа пропусти. Правосилната пресуда е донесена во краток рок иако кривичното дело Затајување на данок е многу тешко да се докаже, што укажува за незаконска одлука и несовесно вршење на судската должност“, рече Настевски.
Претседателот на Зелена Лупа, Ване Цветанов наведе дека „со овој проект и врз основа на наодите кои произлегоа од подготвените анализи најчесто се среќава кривичното дело злосторничко здружување од член 394 од КЗ на РМ, а со ова кривично дело се монтирани кривични случаи преку кои се сееше страв кај граѓаните“.
Експертскиот совет се залага да се најде начин да се ублажат казните, меѓутоа новиот предлог закон за амнестија не ги опфаќа голем дел од случаите кои беа предмет на анализа од страна на советот. Поради тие причини Експертскиот совет укажува на потребата да се отвори поширока дискусија околу ова прашање.