30.04.2020 Северна Македонија се наоѓа на 67 место од вкупно 117 држави според меѓународното истражување на Индексот за отвореност на буџет (Open budget index – OBI).
Истражувањето и оценката за отворен буџет е независно, компаративно истражување коешто е базирано на факти и користи меѓународно признаени критериуми за оценка на јавниот пристап за информации поврзани со државниот буџет, можностите за пристап во процесот за креирање на националниот буџет и улогата на институциите коишто треба да вршат контрола врз буџетското трошење како што е легислативата и ревизијата во буџетскиот процес.
Оценката за транспарентен буџет за Македонија е 41 (од 100) – каде што 100 означува задоволителна транспарентост а 0 означува незадоволителна транспарентност.
Во однос на земјите од регионот Македонија има за една нијанса подобра оценка (41) од Србија (40), и од Босна и Херцеговина (33). Најдобро рангирана земја е Бугарија со оценка 71, додека Хрватска и Словенија имаат оценка од 68, а Албанија 55.
Во однос на оценката за транспарентност во споредба со изминатите години, Македонија имала највисока оценка за транспарентен буџет во 2010 година со 49 (од 100), а најниска оценка во 2012 и 2015 година – 35 (од 100), додека во 2017 година оценката изнесувала 37.
Во однос на вклучувањето на јавноста во креирање на националниот буџет Македонија има оценка 0 (од 100) за јавната вклученост со што се наоѓа на најниското место во регионот, додека Србија има оценка 2 за јавната вклученост, Босна и Херцеговина и Албанија (7), Словенија (11), Хрватска (22), Бугарија (26) со што има највисока оценка од останатите.
Препораки:
За да може да се зајакне јавната вклученост во процесот на креирање на буџет, Министерството за финансии на Македонија треба да ги приоритизира следните ставки:
– Да воспостави механизам за да ја вклучи јавноста во креирање на буџетот и мониторирањето на спроведување на буџетот
– Активно да ги вклучи ранливите групи директно или преку граѓански организации коишто ги претставуваат
Собранието на Македонија треба да ги приоритизира следните активности:
– Да ги вклучи граѓаните или граѓанските организации на нивните седници за донесување на буџет пред неговото официјално одобрување
– Да ги вклучи граѓаните или граѓанските организации на нивните седници за ревизорскиот извештај
Државниот ревизор на Македонија треба да создаде формален механизам со којшто ќе и овозможи на јавноста да биде вклучена во создавањето на ревизорската програма и да допринесе во ревизорските истраги
Целосното истражување за сите држави можете да го проследите на следниот линк: https://www.internationalbudget.org/open-budget-survey/country-results
Прегледи: 155