Според Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2020 година Р.С Македонија оди наназад и надолу во борбата против корупцијата
Индексот за перцепција на корупцијата (ИПК) за 2020 година објавен од Транспаренси Интернешнл открива дека корупцијата допринесува за уназадување на демократијата и влошување на состојбата со здравствените системи поради пандемијата предизвикана од COVID-19.
Државите кои се рангирани добро според индексот, инвестираат повеќе во здравството, се поспособни да обезбедат универзално здравствено осигурување и е помалку веројатно да ги повредат демократските норми и институции или владеењето на правото.
Оваа година ИПК 2020 го бележи најнискиот резултат и најниското рангирање на Р.С Македонија на Индексот на перцепција на корупцијата од 2001 година кога првпат бевме рангирани. Оваа година, со непроменет број на поени од минатата 2019 година (35) Р.С Македонија се наоѓа на 111 место од вкупно рангирани 180 држави.
Едновремено, мораме да нагласиме дека го делиме мислењето на Претседателката на УО на Транспаренси Интернешнл Делија Фереира Рубио дека „COVID-19 не е само здравствена и економска криза. Тоа претставува и корупциска криза. Криза со којашто не успеваме да се справиме.“ „Минатата година ги тестираше владите како ниту една претходно, и тие со поголеми степени на корупција се помалку способни да се справат со предизвикот. Но, дури и тие коишто се наоѓаат на врвот според ИПК мора итно да ја зајакнат својата улога во борбата против корупцијата на национално и меѓународно ниво.“
За формирање на резултатот користени се податоците од 7 истражувања спроведени во последните две години. Значи станува збор за нови истражувања спроведени во 2019 и 2020 година, од релевантни организации и на основа на утврдена и проверена методологија. Притоа не се забележани големи осцилaции во однос на бодувањето од минатата година.
Позначителна осцилација во намалување на индексот од истражувањата се забележува кај индексот на World Justice Project Rule of Law Index, кој ја анализира состојбата во судството и владеење на правото, каде е забележан пад од 2 индексни поени, како и помала осцилација кај Freedom House, за 0,5 поени.
Според Слаѓана Тасева, Претседателка на ТИ-Македонија, ова укажува на тоа дека сè уште треба да се засилат и да се преземат поконкретни активности кои ќе дадат видливи резултати во:
- намалување на корупцијата и зголемување на ефикасноста на судството
- зајакнување на активностите за спроведување на ефикасна борба против корупцијата, а посебно високата корупција која останува недопирлива за органите за прогон и за правдата,
- зајакнување на постапките за конфискација и враќање на она што е украдено од граѓаните, како и во
- обезбедување на поголема транспарентност на институциите, кои во услови на КОВИД беа речиси недостапни за граѓаните
- целосно напуштање на политичките влијанија и пазарења во постапките за вработувања и обезбедување на конкурентност и подеднакви услови за сите при вработувањата, а со цел да се обезбеди ефикасна администрација која ќе биде професионална и компетентна до степен да обезбеди понатамошен развој на државата и континуитет во процесот за интеграција во Европската Унија.
Глобални забелешки
ИПК 2020 рангира 180 држави и територии според перцепирани степени на корупција во јавен сектор, базирајќи се на 13 експертски оценувања и анкети на бизнис претставници. Користи скала каде што 0 значи високо корумпирани, а 100 многу чисти.
Данска и Нов Зеланд се наоѓаат на врвот на индексот со 88 поени. Сирија, Сомалија и Јужен Судан се наоѓаат последни со 14, 12, и 12 поени.
Значајни промени
Од 2012 година, најпочетната точка на споредба според сегашната ИПК методологија, 26 држави значајно ги имаат подобрено нивните ИПК бодови, вклучувајќи ги Еквадор (39), Грција (50), Гвајана (41), Мјанмар (28) и Јужна Кореја (61).
Дваесет и две држави значајно ги намалиле нивните бодови, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина (35), Гватемала (25), Либан (25), Малави (30), Малта (53) и Полска (56).
Приближно пола од државите стагнираат на индексот речиси цела декада што покажува недоволни обиди на владите да се справат со причините за корупција. Повеќе од две третини се рангирани под 50.
COVID-19
Корупцијата е закана за животите на граѓаните, посебно кога е комбинирана со предизвик за јавното здравје. Чистите јавни сектори се поврзани со поголема инвестиција во здравството. Уругвај, на пример, ја има највисоката ИПК оценка во Латинска Америка (71), инвестира во јавното здравје и има робустен систем за епидемиолошко набљудување, што помогна во справувањето со COVID-19 и други инфективни болести, како жолтата треска и Зика.
Спротивно, Бангладеш со оценка од само 26 инвестира малку во здравството додека корупцијата цвета за време на COVID-19 која рангира од мито во здравствените клиники до несоодветна распределба на помош. Корупцијата е исто така присутна и во набавката на медицинска опрема. Државите со повисоки степени на корупција се повеќе подложни на злоупотреба на владеењето на законот и демократските институции за време на кризата предизвикана од COVID-19. Помеѓу овие држави спаѓаат Филипините (34), каде што справувањето со COVID-19 беше карактеризирано со напади на човековите права и слободата на медиумите.
Со опаѓачки тренд, САД го достигнува најлошото рангирање од 2012 година, со 67 бодови. Во надополнување на наводните конфликти на интерес и злоупотреба на јавна позиција, во 2020 година слабиот надзор на 1 трилијони американски долари наменети за справување со COVID-19 предизвика сериозни загрижувања и претставуваше уназадување на демократските принципи на одговорна влада.
Препораки
Минатата година ги истакна предизвиците на интегритет помеѓу кои и највисоко-рангираните држави покажаа дека ниту една држава не е слободна од корупција. За намалување на корупцијата и подобро справување со идни кризи, Транспаренси Интернешнл препорачува сите влади:
- Да ги зајакнат надзорните институции и да обезбедат дека ресурсите се распределени на оние на коишто највеќе им се потребни. Анти-корупциските и надзорни институции мора да имаат доволно средства, ресурси и независност во нивното работење.
- Да обезбедат отворени и транспарентни процедури на склучување на договори за да спречат несовесно работење, конфликт на интереси и да обезбедат фер цени.
- Да ја одбранат демократијата и да промовираат создавање на граѓански простор за поттикнување на одговорност на владите.
- Да објавуваат важни податоци и да обезбедат пристап до информации од јавен карактер со што јавноста ќе има лесен и навремен пристап до значајни информации.
Забелешки
Претходното истражување на Транспаренси Интернешнл програмата за Глобално Здравје откри дека корупцијата го уназадува глобалниот јавен сектор со 500 милијарди американски долари секоја година.
Корупцијата во здравството покажа дека COVID-19 пандемијата опфаќа барања за неформални плаќања од пациенти, проневера и кражби, фаворизирање, отсуство од работа, преголема наплата, и манипулација со податоци.
За Транспаренси Интернешнл
Транспаренси Интернешнл е глобална граѓанска организација за борба против корупцијата повеќе од 25 години. Придружи се на нашите напори на transparency.org
За Индексот за перцепција на корупција
Од неговото создавање во 1995 година, Индексот за перцепција на корупција стана глобален индикатор за корупција во јавниот сектор. Во 2012 година, Транспаренси Интернешнл ја ревидираше методологијата што се користи за конструирање на индексот што овозможи споредба на бодови од една со друга година. За повеќе информации посетете:
https://www.transparency.org/en/cpi/2020/index/nzl