Случајот со фалсификуваните пасоши покажува дека најавениот ветинг во полицијата треба да се забрза, вели претседателката на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева
Слободанка Јовановска
Не да се наградуваат тие што ја спроведоа акцијата околу фалсификуваните патни исправи давани на криминалци, туку да се спроведе темелна истрага, јавноста да биде запозната со сите детали и да се воспостави контролен механизам кој ќе спречи натамошна ерозија на Министерството за внатрешни работи, побара претседателката на „Транспаренси интернешенел – Македонија“, Слаѓана Тасева во разговор за „Независен“.
„Секаде во светот, освен кај нас, ако се појавиш на работа со ново возило, и да не е многу скапо, треба да објасниш како си го купил. Секој што бил на паркингот пред пасошката служба знае дека таму има многу репрезентативни возила. Тоа е многу очигледно, а никој не ги прашал од каде им се“, посочува Тасева додавајќи дека очигледно затаиле механизмите за контрола во Министерството за внатрешни работи.
Таа, како и Павле Трајанов претходно, смета дека оваа афера ќе се одрази на меѓународниот углед на земјата, која доби ослободување на визниот режим од ЕУ бидејќи ја увери Унијата во безбедноста на документите што се издаваат – што беше еден од најважните услови.
„Ваквите афери не се добри. Тие укажуват дека има многу слабости во работењето на МВР, во многу чувствителна област каква што е издавањето лични документи и патни исправи. Слушнавме дека имало и крадење на идентитети, што е многу тешка повреда на правата за заштита на личните податоци, кои се заштитени со меѓународни конвенции. Внатре во МВР очигледно има проблем со интегритетот на вработените во институцијата во целина“, оценува Тасева.
Таа потсетува дека ова е втора ваква голема слабост во структурата на МВР што излегува на виделина по скандалот со прислушувањето, бидејќи покажува вмешаност на луѓе од самата институција, што ги наметнува прашањата – како се дозволило тоа да се случи, постојат ли механизми на контрола на работењето внатре и механизми за контрола на интегритетот на вработените во тие служби што, според откритијата, се ставиле во поддршка на организираниот криминал?
„Поддршката што тие групи од организираниот криминал ја имале внатре во МВР е најголем фактор за темните бројки за криминалитетот во државата. Ако ти имаш корупција во која се обезбедува заштита на криминални групи, тогаш немаш ефикасност во работата и во откривањето на криминалот. Многу работи тука треба да се предмет на анализа, а не само тоа дека лицата што се приведени ќе бидат изведени пред суд и ќе одговараат. Проблемот е многу поголем и треба да се разгледа од многу аспекти, вклучително и зошто толку долго траела истрагата, кои биле нејзините елементи, какви биле резултатите и зошто затаиле механизмите на контрола во МВР. Бидејќи тука станува збор за многу висока корупција и се споменуваат многу високи износи на пари, ова треба многу сериозно да се елаборира, па и да се кажат имињата на сите лица што добиле патни исправи и особено чиј идентитет бил украден, бидејќи некој правел криминал во нивно име“, забележува Тасева.
Во февруари годинава МВР поднесе кривична пријава против други 36 лица, од кои осум нејзини вработени, бидејќи давале фалсификувале возачки дозволи на лица кои немале положено возачки испит. Дека вработени во МВР имаат проблем со интегритетот и се поврзани со криминалот беше познато одамна, поради што пред две години беше најавен ветинг во полицијата, т.е. нејзино прочистување со испитување на нивната имотна состојба, на контактите и на дипломите. Се формираше работна група која требаше да изработи методологија за спроведување на ветингот и се подготвуваше закон за да почне тој процес. Но, по гласните најави, веќе две години владее молк.
„Точно е дека министерот за внатрешни работи најмногу зборуваше за постапката за ветинг и дека замолче. Ветингот треба да се спроведе, заедно со проверката на интегритетот на вработените во МВР. Во МВР имаат воспоставено и пријавување на злоупотреби од укажувачи, но не е јасно дали ова не го пријавил никој или се толерирала ваквата практика две години. Не е јасно исто така како можело дури и во време на истрага да се издаваат патни исправи, освен ако не била контролирана постапката за да доведе до извесни цели“, се запрашува Тасева.
Без оглед, оценува таа, Македонија сега е ставена на посебна листа на држави, бидејќи никој не може да знае дали биле издадени само 200 или 300, 500 и повеќе патни исправи на криминалци.
„Како реперкусија овој случај ќе го видиме во сите наредни извештаи на меѓународните организации. Ова ни е втор или којзнае кој скандал во работењето на МВР, кое треба да биде предводник во борбата против овој криминал“, посочува таа потсетувајќи дека со децении укажувале дека корупцијата во МВР е фактор за нискиот степен на откривање на криминалот.
Околу впечатокот во јавноста дека зад криминалот со фалсификуваните документи стојат многуте нововработени кадри на ДУИ, Тасева посочи дека тоа лесно може да се утврди.
„Во ова има една добра работа: од индивидуалната одговорност не може да се избега, бидејќи точно се знае кое лице ја изработило фалсификуваната патна исправа. Нема можност за затскривање зад процедурата, јасна е работата. Истрагата прво ќе ги извади имињата на сторителите, а потоа ќе се постават и прашањата – како дошле тие на работа во МВР, дали била испочитувана процедурата за вработување и стои ли некој зад нив? Сѐ се тоа прашања за интегритетот на институциите. Затоа, приказнава е поголема и ќе биде суштинска за нашата иднина воопшто како држава. Ако не се спречи сега, ќе имаме многу сериозни проблеми натаму. Аферата е само последица на тоа што се случува во МВР внатре. Ги повикувам Собранието, Владата и институциите да не се затскриваат зад акцијата туку да формираат независно тело, по примерот на тоа што ја испитуваше смртта на екс-претседателот Борис Трајковски, со внатрешни и надворешни експерти, кое ќе ги испита овие случувања до корен, бидејќи безбедносниот систем ни е разрушен целосно и е нефункционален, што е жално“, вели Тасева.
Таа не можеше да прогнозира до каде може да стигне истрагата, до кое ниво, но убедена е дека таа ќе продолжи и ќе стигне до некои високи инстанци. Околу тоа дали аферата е знак дека е напуштена идејата за ветингот во полицијата, Тасева вели:
„Се надевам дека не ја напуштиле. Напротив, очекувам дека таа идеја уште повеќе ќе се забрза“.
Александар Стојановски од „Евротинк“, пак, е резигниран околу случајот. Според него, ветингот не само што е застанат, туку и не се знае дали воопшто е почнат, со исклучок на тие кадри што беа преземени од новата Агенција за национална безбедност. А, според најавите, требаше да опфати и околу 10.000 вработени во МВР. Според него, по промена на власта идната гарнитура ги става во фиока ваквите најави за прочистувања. За сериозноста на тој процес, вели тој, говори фактот дека тендерот за дигитализација на матичните книги го добила фирма стара само три месеци, а токму преку нив се креираат новите лажни идентитети.
https://nezavisen.mk/taseva-bara-nezavisna-megjunarodna-komisija-da-go-istrazhi-kriminalot-vo-mvr/