Критики и негодување предизвика денешната собраниска седница, на која ќе се гласа за девет предлог-закони поврзани со изградбата на делниците од коридорите 8 и 10д, што треба да ги гради конзорциумот Бехтел и Енка. Покрај опозициските политички партии, и Платформата на граѓански организации за борба против корупција преку отворено писмо побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да го повлечете дневниот ред на седницата, закажана за во 11 часот. Според Платформата, пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правен поредок во државата. Пред десетина дена, Обвинителството отвори предмет за надзорот по новинарските истражувања за пропусти и контроверзи во тендерот за надзор и консултации.
Дел од експертската јавност смета дека Владата не брза со носењето на законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, итн. Претседателката на „Транспаренси Интернешнл- Македонија“, Слаѓана Тасева во разговор за „Локално“ вели дека се доцни затоа што ако планирале оваа стратешка инвестиција да се спроведува на начин, што треба да се спроведат во закон предвидени постапки, сето тоа морало добро да се предвиди и испланира уште пред да се мисли на ваков проект.
-Или во самиот тек кога почнале разговорите, требало да се има во предвид и ова. Тоа што тие пропуштиле да го направат на време, сега сакаат да го надоместат со носење на законите во брза постапка. Но со овие закони се загрозуваат повеќе права утврдени со закон и се нарушува правниот поредок во државата, истакнува Тасева.
На прашањето дали Обвинителството треба прво да си ја заврши работата, откако отвори случај, па потоа да се продолжи со процесите, Тасева порачува дека не знае што прави Обвинителството и како прави.
-Ако смета дека треба да се запрат овие процеси, Обвинителството има начин тоа да го направи. Инаку не постои никаква пречка да си продолжат, смета претседателката на „Транспаренси“.
Истакнува дека Уставниот суд треба да ја оцени уставноста на овој договор, доколку се откријат неправилност во било кој дел од него.
-Јавното обвинителство се занимава со други теми, како со легалноста на целата постапка, како дошло до правење на ваков договор, има ли тука нечии интереси, дали имало прекршување на одредби од Кривичен законик… Сепак постојат и други институции, вклучително и Собранието, објаснува соговорничката.
Тасева не смета дека има политичка позадина во уништување на целиот проект.
-Не го гледам тоа така. Нормално е да реагираат невладините организации и сите оние кои што имаат дилеми во врска со ова. Така и треба сите да реагираме за работи за кои што сметаме дека не се доволно подготвени. Во однос на политиката и политичките притисоци, не би сакала да коментирам, заклучува претседателката на „Транспаренси“.
Н.П.