Укажувачите имаат клучна улога во заштитата на јавноста, компаниите и институциите од неоткриена корупција, лошо управување и друго недолично однесување, како и нивните штетни последици. Тие овозможуваат рано откривање на неправилностите, давајќи им можност на организациите да преземат дејствија пред да се предизвика штета во јавноста, да се предизвика одговорност или да се доведе до сериозни финансиски загуби.
Во денешно време сè поголем број на држави ја признаваат важната улога на укажувачите и имаат усвоено закони за нивна заштита. Меѓу другото, се бара и од организациите да имплементираат внатрешни системи за укажување – познати како „зборувај“ или механизми за внатрешно пријавување. Таквите системи треба да обезбедат безбедни канали за примање пријави, да ги заштитат од одмазда оние што пријавуваат и да им дадат насоки за постапување на организациите.
Иако усвојувањето на новите законски обврски е важен чекор напред за заштита на укажувачите, сепак истото не е доволно. Како што покажа примерот на Косово, за да се заштитат укажувачите од одмазда, а организациите и јавноста од корупција и недолично однесување, законите треба ефективно да се спроведуваат од јавните и приватните организации.
Државните институции не го спроведуваат законот
Во септември 2022 година, вработен во државна институција го извести Центарот за застапување и правни совети на Транспаренси Интернешнл Косово (ALAC) дека правосудната институција за која работел, не назначила службеник задолжен за внатрешно пријавување како што налага законот. Истражувајќи понатаму, персоналот на ALAC набрзо дојде до констатација дека состојбата е иста и во другите правосудни институции.
Поради ова, беа спроведени интервјуа со претставници на бројни водечки правосудни институции на национално и локално ниво, вклучително и Агенцијата за спречување на корупција, Уставниот суд, Главното државно обвинителство и Врховните судови. Интервјуата ги потврдија сомневањата дека и други правосудни институции не назначиле службеници одговорни за постапување со пријави од укажувачи.
Непосредно влијание – но институциите треба да направат повеќе
Влијанието на извештајот на Транспаренси Интернешнл Косово кој ги споделува овие наоди беше забележано уште пред неговото објавување. Преку доставување на барања за интервјуа со законски предвидените службеници во институциите, Транспаренси Интернешнл Косово поттикна еден суд и шест обвинителства да назначат такви службеници. По објавувањето на извештајот следеа многу повеќе, а сега активно се охрабруваат граѓаните да пријават корупција. Пријавата на еден укажувач генерира системски промени во правосудниот систем во Косово.
Но, постојат повеќе аспекти на кои треба да се работи со цел нивно подобрување. Преку интервјуата со 18 јавни функционери се дојде до констатација дека назначените службеници одговорни за пријавите на укажувачите не добиле обука за нивните нови позиции. Половина посочија дека процедурите за укажувачи во нивните институции не дозволуваат доверливост во случаите на укажување, а малкумина го информирале својот тим за правата и процедурите за укажување. Како резултат на ова, во 2022 година немаше пријавено ниту еден случај до ниту една од косовските правосудни институции. Ова илустрира дека назначувањето на одговорно лице или тим за постапување со пријавите на укажувачите и имплементирање на внатрешни системи за пријавување не треба да биде направено само со цел за исполнување на законските обврски.
Насоки за најдобри практики за внатрешни системи за пријавување
Искуството покажа дека за да бидат ефективни, внатрешните системи за пријавување треба да достигнат одредени стандарди, што често значи надминување на законските барања. За да им помогне на јавните и приватните организации да имплементираат навистина ефективни внатрешни системи за пријавување, Транспаренси Интернешнл разви сеопфатни принципи за најдобра практика. Принципите се потпираат на искуството од имплементацијата на системите за пријавување ширум светот, како и во работењето со јавни институции, компании и укажувачи. Тие можат да ги користени од страна на организациите во сите сектори и земји за да воспостават и да управуваат со внатрешни системи за пријавување кои обезбедуваат безбедни канали за пријавување, ги штитат оние што пријавуваат од одмазда и обезбедуваат организацијата да дејствува по овие пријави.
Со надминување на минималните законски барања за имплементирање на стандардите за најдобра практика во нивните системи за пријавување, организациите можат да имаат значителна корист од моќните алатки за управување со ризик и превенција, кои помагаат да се заштитат од ефектите на недоличното однесување и да се зачува јавниот интерес.
Обезбедување безбедни, доверливи платформи за пријавување
Освен што обезбедува насоки за најдобри практики, Транспаренси Интернешнал им помага на организациите да имплементираат ефективни внатрешни системи за пријавување на други начини. Во Италија, иновативната употреба на дигиталната платформа GlobaLeaks за управување со пријавите на укажувачите ја зголемува употребата на безбедни канали за пријавување во јавниот и приватниот сектор во земјата, во согласност со националните и европските законски барања за заштита на укажувачите и податоците. Воден од Транспаренси Интернешнал Италија и социјалното претпријатие Whistleblowing Solutions, проектот Whistleblowing PA беше основан првично за италијанскиот јавниот сектор и државните претпријатија. Платформата моментално ја користат речиси 2.000 јавни субјекти, вклучувајќи ја општината Милано, неколку региони, Министерството за земјоделство, Министерството за култура и италијанската централна радиодифузна компанија РАИ.
Популарноста на платформата генерира повеќекратни барања за слична поддршка од приватни организации надвор од јавниот сектор на Италија, што ги навело Транспаренси Интернешнл Италија и Whistleblowing Solutions да создадат услуги за членство за да ги задоволат потребите на приватните компании, заедно со услуга што може да се прилагоди на барањата на секоја организација.
Проширување на нашата поддршка за укажувачи
Следејќи го успехот на проектот Whistleblowing PA, Транспаренси Интернешнл развива пакет алатки за граѓанските организации и националните власти, овозможувајќи им да им понудат на јавните и приватните организации во нивната држава безбедни дигитални платформи за примање и управување со пријави за укажување. Го пилотираме пакетот со алатки во Словенија, каде што во лето 2023 година, ќе биде лансирана платформа за дигитално пријавување. Истата вклучува функции како што се анонимно пријавување и канали за одржување контакт со анонимни укажувачи во текот на истрагата, што ќе им помогне на организациите да ги исполнат нивните законски обврски, а истовремено обезбедувајќи дополнителна заштита за укажувачите.
Поддршката на јавните институции и компаниите да работат подобро е дел од тековната работа на Транспаренси Интернешнл за поддршка на укажувачите ширум светот. Го прославивме Светскиот ден на укажувачите во 2023 година, но сè уште се стремиме кон тоа дека секој што сака да пријави неправилност има силна правна заштита и поддршка. Заедно со нашите партнери ширум светот, се стремиме до Светскиот ден на укажувачите во 2024 година да обезбедиме уште повеќе укажувачи да ја добијат поддршката и заштитата што ја заслужуваат.