БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец ФЕВРУАРИ 2024 година
Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
===============================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ФЕВРУАРИ 2024 ГОДИНА
Автопатот Кичево-Охрид, најголема инфраструктурна инвестиција со “децениска“ изградба – И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирање на изградбата за 6 години и зголемување на вредноста на договорот за 45%, делницата Кичево – Охрид не е изградена. Недостатоци за проектната документација, нерешените експроприации на земјиштето како и недоволно обезбедените соодветни човечки и технички ресурси од страна на изведувачот, влијаеле на пролонгирање на изградбата и предизвикале дополнителен одлив на финансиски средства над првично договорените, што не е во согласност со пропишаниот правен стандард за постапување со должно внимание уреден со Законот за трговски друштва, стои во извештајот на ДЗР.
ДКСК бара одговорност од Фондот за иновации, незаконски доделувал грантови меѓу кои и на внукот на Али Ахмети – Антикорупционерите побараа од Владата да утврди одговорност кај органите на Фондот за иновации и технoлошки развој, вклучувајќи го директорот Фестим Халили поради сомнежи за злоупотреба на законот поради доделените пет милиони денари на фирмите Тхор индустриес и Еверест ЏД, во сопсотвеност на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Злоупотребите велат се правеле противзаконски со кратењето на роковите за проектите, принцип по кој Фондот работел и во други случаи кои не се поврзани со Дрин Ахмети.
Џафери платил казна и продолжил да го прекршува законот – Талат Џафери го прекршил Уставот и платил казна поради неспоивост на функциите. Според антикорупционерите, Џафери иако бил претседател на Собранието истовремено членувал и во партиските органи на ДУИ, поконкретно во претседателството на Генералниот совет на партијата. Од Антикорупциската комисија прашале дали и покрај платената казна Џафери се уште извршува партиска функција, но од ДУИ одговор не добиле.
Антикорупциска ќе достави предмет до ОЈО за Ивица Коневски – ДКСК донесе одлука да достави предмет до Основното јавно обвинителство, како и до Финансиска полиција, против екс градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, за искористување на градоначалничката функција и да го смени деталниот урбанистички план кај Мајчин дом и на местото каде било впишано зеленило, да се впише 9-катница. Од Антикорупциска го сомничат Коневски дека за лична корист – добивање на деловен простор од 312 метри квадратни, ја искористил функцијата градоначалник и место зеленило, нацртал зграда.
ДКСК предметот „ДУП-от за Треска“ го затвора и го предава на обвинителството – На последната работна седница, пред да ги отстапат функциите на своите наследници, овој состав го затвори и предметот за начинот на планирање на ДУП-от за „Треска“. На обвинителството му го предава предметот со констатирани сомнежи за корупција на фирмите кои пред 10 години го изработиле планот, за општината да го усвои спротивно на генералниот урбанистички план.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ФЕВРУАРИ 2024 ГОДИНА
Посредувале за вработување во Агенцијата за Администрација: седум лица „заработија“ кривични пријави – Седум лица, еден од Прилеп, четворица од Скопје и двајца од Гостивар добија кривични пријави од Министерството за внатрешни работи за повеќе дела. Како што соопштија од оваа институција, тие се теретат за „злоупотреба на службена положба и овластување“, ,,примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, ,,давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“.
Истрага за злосторничко здружување: Замрзнат е имотот на „Новоматрикс“, газдата е осомничен за даночно затајување! – По барање на Обвинителството за организиран криминал, Основниот суд Скопје 1 изрекол времена мерка за забрана за отуѓување, располагање и оптоварување на возилата на компанијата „Салус Плус“, попозната според поранешниот назив „Новоматрикс“, чиј сопственик е Александар Наумов. Имено, ова решение е заведено и во Централниот регистар, каде се наведува дека по барање на Јавното обвинителство од 27.10.2023 година, Кривичниот суд донел решение на 31.10.2023 година за донесување привремена мерка – забрана за отуѓување, располагање и оптоварување на моторни возила, поради основано сомневање дека е сторено кривично дело злосторничко здружување и даночно затајување.
Професионален војник им доставувал телефони на затвореници во Идризово – Осомничениот во КПУ Идризово – Скопје, како службено лице – професионален војник во Армијата на Република Северна Македонија, поради прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, бил ангажиран како надворешно – статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект. Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.
Полицаец од „Ќафасан“ земал мито, колега го криел – добија кривични пријави – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран и сериозен криминал и корупција, поднел кривична пријава против К.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 и против Г.Б. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање на сторител по извршување кривично дело“ по член 365 од Кривичниот законик.
Барометар на корупција февруари 2024