Корупцијата е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани покрај сиромаштијата, ниските плати, поскапувањата, невработеноста. Како една од најслабите карики беше нотирана и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава објавен во ноември лани.
Брисел тогаш искажа сериозна загриженост затоа што немаме напредок во судството и борбата против корупцијата, посебно откако беа усвоени измените на Кривичниот законик кои помогнаа неколку поранешни функционери да се спасат од затворски казни поради застарување на сторените кривични дела и злоупотреби во службата. Пријателите на Македонија постојано испраќаат пораки и совети како да се справиме со високото ниво на корупција, но на дело нема резултати.
Во меѓувреме САД ја дополни и прошири „црната листа“ кон средината на месецов со претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и поранешната обвинителка на СЈО Катица Јанева, откако претходно на неа се најдоа и Рамиз Мерко, Орце Камчев и Кочо Анѓушев кога наголемо се водеа дебати за тоа како САД успеаја да го детектираат криминалот и корупцијата, а македонските институции не мрднаа со прст во битката со корумпираните, односно дозволија предметите со сторените злоупотреби да ги прекрие прав во судските фиоки.
Не напразно велат дека тој што не сака да преговара со ЕУ, не сака ни битка со корупцијата. Редакцијата на ММС, побара од Благоја Пандовски, првиот човек на Транспаренси Интернешнл Македонија, организација која многу одамна, односно од 2006 година ја почна македонската битка против корупцијата да ни каже дали и како отворањето на поглавјата од ЕУ преговорите и членството во ЕУ ќе ни помогне во справување со корупцијата?
Благоја Пандовски функцијата ја презеде од долгогодишната претседателка Слаѓана Тасева, која стана почесен претседател на оваа организација.
„Започнувањето на преговорите за членство во Европската Унија и отворањето на поглавјата за преговори кои во моментов се вкупно 35 и се однесуваат на различни области се од големо значење за борбата против постоечката корупција во земјава која е на многу високо ниво. Секое од овие области предвидува усогласување на соодветното законодавство со правилата и прописите на Европската Унија, а од друга страна и подобрување на праксите и градење на административни капацитети кои треба да ги исполнуваат критериумите за пристапување кон ЕУ познати како Копенхашки критериуми, кои се дополнети со Мадридските критериуми“, вели во изјава за ММС Пандовски.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл Македонија која е членка на глобалната коалиција за борба против корупцијата Транспаренси Интернешнл присутна во повеќе од 100 земји во светот објаснува дека особено важно е поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и темелните права. Европските закони, договори, директиви, регулативи и други правни акти во својата суштина ја имаат слободата, безбедноста и правдата, вели првиот човек на Транспаренси.
„Поглавјето 23 се дели на четири области и тоа се: правда, борба против корупција, основни права и права на граѓаните на ЕУ. Така во ова поглавје борбата против корупцијата претставува и посебна област за чие остварување потребно е задоволување на многу високи стандарди воспоставени од Европската Унија. Помеѓу другото, ова поглавје пропишува дека е потребна правна рамка и сигурни институции за поддршка на кохерентна политика за превенција и спречување на корупцијата“, вели Пандовски.
Европски директиви за поефикасна битка против корупцијата
Но, како Македонија да ја оствари оваа цел кога и понатаму на скалата на корумпираните според индексот на перцепција бележиме високо ниво на корупција?
„Секако за остварување на оваа цел, а особено за затворање на поглавјето 23 потребно е воспоставување на независно и ефикасно судство кое ќе работи без политички притисоци, мито и корупција. Непристрасноста, интегритетот и високиот стандард при донесувањето на одлуки од страна на судовите се круцијални за заштита и остварување на владеењето на правото. За воспоставување на независно судство потребно е коренско елиминирање на надворешните влијанија врз судството и обезбедување на соодветни финансиски ресурси и обука. Членството во Европската Унија и прифаќањето на европските договори, регулативи и директиви кои наметнуваат високи стандарди се од особено значење за дефинирање и водење на борбата против корупцијата“, изјави Пандовски за ММС.
Понатаму, вели тој, праксата и пресудите на Европскиот суд на правдата се многу значајни за земјите членки во сите области а особено во делот за борбата против корупцијата и овозможување на функционирање на правото на Европската Унија кое е секогаш со повисока правна сила во однос на националното право на земјите-членки.
„Може да заклучиме дека високите стандарди, механизми и пракси кои ги воспоставува Европската Унија се многу полезни за справување со постоечката корупција и ја издигнуваат борбата против корупцијата на сосема поинакво, повисоко и поефикасно ниво“, смета Пандовски.
Според Индексот на перцепција на корупцијата за 2023 година што го објави меѓународната организација Транспаренси Интернешнл кон крајот на јануари, Македонија е рангирана на 76. место од 180 држави во светот.
Ако се направи споредба со извештајот за 2022 година, Македонија која претходно беше на 85 место има скок од девет места, но според освоените поени, има плус само два, споредено со една година претходно. Тоа значи дека земјава и натаму останува со високо ниво на корупција која заедно со нискиот стандард, немањето перспектива, партизацијата се главен мотив за иселување на македонските граѓани.
Извор: MMC