Презентација од ИПК за 2024 година можете да е погледнете Презентација_ИПК_2024
Глобалното ниво на корупција останува алармантно високо, а напорите за негово намалување е забавено, според Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2024 година, објавен денеска од Транспаренси Интернешнал. Извештајот открива сериозни нивоа на корупција ширум светот, при што повеќе од две третини од земјите имаат резултат под 50 од 100. Глобалниот просек на индексот останува непроменет на 43, нагласувајќи ја потребата за итна акција против корупцијата и предупредување за критична глобална пречка за спроведување на успешни мерки за заштита на климата.
Наспроти позадината на рекордно глобално затоплување и екстремни временски услови, ерозија на демократијата и пад на глобалното лидерство во климата, светот е „притиснат до ѕид“ во својата борба против климатската криза. Корупцијата ја прави таа борба многу потешка, а меѓународната заедница мора да се справи со врската помеѓу корупцијата и климатската криза.
Најновите податоци покажуваат дека многу од земјите активно вклучени во меѓународната климатска акција – вклучително и климатски ранливи нации и домаќини на меѓународни самити, како што е Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (COP) – имаат ниски и/или опаѓачки резултати на ИПК. Корупцијата ја попречува ефективната климатска акција со тоа што го попречува усвојувањето на амбициозни политики. Неодамнешниот извештај на Транспаренси Интернешнл го истакна значајното влијание на лобистите за нафта и гас на настани како COP, што исто така влијае на политичките центри ширум светот.
Франсоа Валеријан, претседател на Транспаренси Интернешнл:
„Корупцијата е глобална закана која се развива, која прави многу повеќе отколку што го поткопува развојот – таа е клучна причина за опаѓање на демократијата, нестабилноста и кршењето на човековите права. Меѓународната заедница и секоја нација мора да го постават справувањето со корупцијата како главен и долгорочен приоритет. Ова е од клучно значење за да се потисне авторитаризмот и да се обезбеди мирен, слободен и одржлив свет. Опасните трендови откриени во овогодинешниот Индекс на перцепција на корупцијата ја нагласуваат потребата да се продолжи со конкретна акција сега за справување со глобалната корупција“.
Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија
„И оваа година Индексот на перцепција на корупцијата кој го објавува Транспаренси Интернешнл, покажува дека Македонија е далеку под минимумот од 50 поени кои се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата. Во новиот извештај за индексот на перцепцијата на корупцијата имаме 40 поени што е за два поена помалку од минатата година и бележиме пад од дури 12 позиции на табелата заземајќи ја 88 позиција.
Овие негативни резултати се последица на големиот број на скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.
Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и 40-те препораки на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори се само дел од скандалите кои го тресеа судството.
Минатата година имавме и докажан случај на корупција од еден врховен судија, разрешување на кривичен судија од Кавадаречкиот суд кој се слушнал со обвинет на кого му судел дури 97 пати за неколку дена и уште неколку случаи кои се само загребување на површината на судството во кое граѓаните немаат доверба.
Слична е состојбата и во обвинителството кое не е ажурно во гонењето на високата корупција, и не ги процесуира иницијативите добиени од Државната комисија за спречување на корупцијата, а и самото беше предмет на скандали со докажан случај на корупција на еден поранешен член на советот на јавни обвинители.
Ваквата слика се потврди и со последниот Национален систем за интегритет кој ТИ- Македонија го објави во јануари 2024 година, каде обвинителството и судството беа ниско оценети во нивната улога во борбата против корупцијата.
Првиот чекор од долгиот пат во борбата против корупцијата е нејзината казнивост и генералната превенција која казнивоста ја има во општеството. Се додека ова не се постигне не можеме да очекуваме позитивни резултати на индексот на перцепција на корупцијата“.
Мајра Мартини, Извршен директор на Транспаренси Интернешнл:
„Мораме итно да ја искорениме корупцијата пред таа целосно да ја попречи значајната климатска акција. Владите и мултилатералните организации мора да вградат антикорупциски мерки во климатските напори за да ги заштитат финансиите, да ја обноват довербата и да го максимизираат влијанието. Денес, корумпираните сили не само што ги обликуваат, туку често и ги диктираат политиките, уривајќи ги механизмите за контрола и рамнотежа – замолчувајќи ги новинарите, активистите и сите што се борат за еднаквост и одржливост. Вистинската отпорност на климата бара директно и решително справување со овие закани. На ранливата категорија на луѓе ширум светот очајно им е потребна оваа акција.“
Мадс Кристенсен, Извршен директор на Гринпис Интернешнл:
„Овогодинешната анализа повторно покажа како корупцијата со фосилни горива ги поткопува климатските напори, вклучително и во Соединетите Држави. Низ целиот свет, заедниците бараат акција за климатските промени од нивните влади. Гласот на народот постојано се спротиставува на расипничката моќ на реториката на нафтените и гасните компании кои профитираат од еколошкото разурнување, користеќи ги своите милијарди за да ги замолчат критичарите и активистите, да купуваат влијание и да ги уриваат заштитните механизми што ги штитат нашите семејства и нашата планета. Организацијата Гринпис и нашите сојузници се соочуваат со таква закана од енергетскиот гигант Energy Transfer кој се обидува да не избрише од картата на САД преку огромна и неоснована тужба. На сите нас што се грижиме за иднината ни останува должноста да се спротиставиме на овие корпоративни „насилници“, без разлика на цената.“
КОРУПЦИЈАТА И КРИЗАТА ВО КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ
ИПК ги истакнува милијардите долари климатски фондови кои се изложени на ризик да бидат украдени или злоупотребени.
- Повеќето земји кои се многу ранливи на климатските промени имаат резултат под 50 на ИПК. Огромен број луѓе се изложени на непотребен ризик бидејќи корупцијата ги нарушува климатските проекти наменети да ги заштитат. Ова ја нагласува критичната потреба за цврсти мерки за транспарентност и одговорност за да се обезбеди ефективна употреба на овие средства.
- Неодамнешно истражување на Transparency International покажува како корупцијата може да ја поткопа „праведната транзиција“ на нето нула, истакнувајќи конкретни примери во Јужна Африка (41), Виетнам (40) и Индонезија (37), каде што недоволните заштитни мерки создадоа можности за бескрупулозните актери.
- Во Јужна Африка (41) се крадат околу милијарда ранди (повеќе од 56 милиони американски долари) секој месец од „Eskom“, државниот снабдувач на енергија, според неговиот поранешен извршен директор.
- Земјите кои страдаат од најлошите ефекти од климатската криза имаат најниски резултати, вклучувајќи ги Јужен Судан (8), Сомалија (9) и Венецуела (10). Во Сомалија, климатските промени предизвикаа хаос во земјоделската економија на земјата и го влошија нејзиниот 30-годишен конфликт.
Извештајот, исто така, го откри степенот до кој клучните играчи во климатската дипломатија се борат со корупцијата, за која неговите автори тврдат дека ја поткопува ефективноста на мултилатерализмот, како што се преговорите за COP.
- Азербејџан, домаќин на COP29, со најмалку 1.773 лобисти за фосилни горива добија само 22 поени.
- Домаќин на COP30 Бразил ќе биде одговорен за обезбедување на целите од 1,3 трилиони долари за финансирање за климата до 2035 година. Во овогодинешниот ИПК доби историски минимум резултат од 34.
- Јужна Африка (41), домаќин на Самитот на лидерите на Г20, падна за три поени од 2019 година.
- Некои земји-домаќини со потпросечни резултати на ИПК, исто така, придонесоа за намалување на значењето на овие конференции преку ограничување на транспарентноста и учеството на граѓанското општество. Ова е сериозен проблем во развојот на ефективна климатска политика и треба да се решава во насока на COP30 во Бразил и Самитот на лидерите на Г20 во Јужна Африка.
- Несоодветно влијание за опструкција на климатската политика може да се случи во земји со високо и ниско ниво на корупција. Сепак, токму во богатите, развиени земји ова мешање има најсериозно влијание бидејќи ја поткопува нивната работа да се договорат за амбициозни цели, да ги намалат емисиите и да градат отпорност на глобално ниво. Три членки на Амбрела групата имаат значително опаѓачки резултати – САД (65), Канада (75) и Нов Зеланд (83).
ИПК, исто така, ја истакна човечката цена на климатската корупција.
- Бранителите на земјиштето и животната средина често се во првите редови во борбата против климатската криза, но нивните напори се изложени на заплашување, насилство, па дури и убиства. Ова е најчесто во земјите со сериозни проблеми со корупцијата – речиси сите 1.013 убиства на бранителите на животната средина од 2019 година се случиле во земји со оценки за ИПК под 50.
ГЛОБАЛНАТА КОРУПЦИЈА КЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА
ИПК рангира 180 земји и територии според нивните перципирани нивоа на корупција во јавниот сектор на скала од нула (многу корумпирана) до 100 (најмалку корумпирана).
- Речиси 6,8 милијарди луѓе живеат во земји со оценки за ИПК под 50. Ова е еквивалентно на 85% од светската популација од 8 милијарди.
- Седма година по ред, Данска добива највисока оценка на индексот (90), а веднаш зад неа следат Финска (88) и Сингапур (84).
- Земјите со најниски резултати се најчесто во кревки и погодени од конфликт земји како Јужен Судан (8), Сомалија (9), Венецуела (10), Сирија (12), Либија (13), Еритреја (13), Јемен (13) и Екваторијална Гвинеја (13).
- Над една четвртина од земјите во примерокот (47) ја добија својата најниска оценка досега на индексот, вклучувајќи ги Австрија (67), Бангладеш (23), Бразил (34), Куба (41), Франција (67), Германија (75), Хаити (16), Унгарија (41), Иран (23), Мексико (26), Русија (22), Јужен Судан (8), Соединетите Американски Држави (815) и Венецуела (10).
Во текот на изминатите 5 години, 7 земји значително ги подобрија своите резултати во индексот:
- Тука спаѓаат Брегот на Слоновата Коска (45), Доминиканската Република (36), Косово (44), Кувајт (46), Малдиви (38), Молдавија (43) и Замбија (39).
Во текот на изминатите 5 години, 13 земји забележаа значително намалување на нивните резултати во индексот
- Со значително намалување се Австрија (67), Белорусија (33), Белгија (69), Ел Салвадор (30), Франција (67), Киргистан (25), Либан (22), Мјанмар (16), Никарагва (14), Русија (23), Шри Ланка (23), Обединетото Кралство (23), Венецуела (10).
ЗА ИНДЕКСОТ НА ПЕРЦЕПЦИЈА НА КОРУПЦИЈАТА
Од своето основање во 1995 година, Индексот на перцепција на корупцијата стана водечки глобален показател за корупција во јавниот сектор. Индексот оценува 180 земји и територии ширум светот врз основа на перцепциите за корупцијата во јавниот сектор, користејќи податоци од 13 надворешни извори, вклучително и Светска банка, Светски економски форум, приватни ризични и консултантски компании, тинк тенкс организации и други. Резултатите ги одразуваат ставовите на експертите и деловните луѓе.
Процесот за пресметување на ИПК редовно се ревидира а да се увериме дека е исто толку робустен и што е можно покохерентен, од неодамна од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија во 2017 година. Сите резултати на ИПК од 2012 година се споредливи од една година до друга. За повеќе информации, видете ја оваа статија: The ABCs of the CPI: How the Corruption Perceptions Index is calculated.