Во рамките на проектот: „Следење на интегритетот во Западен Балкан и Турција: граѓански организации во борбата против корупцијата со податоци за политичкиот интегритет“се одржа средба меѓу членовите на Регионалната заедница на практики во Скопје на која се разговараше за политичкиот интегритет и важноста на отворените податоци во борбата против корупцијата во земјите од Западен Балкан и Турција. Состанокот се одржа на 27-ми и 28-ми февруари 2025 година. Дискусиите помеѓу професионалци од институциите, граѓанското општество и академијата беа поделени во три интересни панели кои опфаќаа:
– Поднесување на изјави за имотна состојба и интереси
– Политичко финансирање
– Јавни набавки
ПАНЕЛ 1: Дали изјавите за имотна состојба и интереси помагаат во разоткривање на корупцијата или се само празни податоци на хартија?
Освен правилното регулирање на прашањето за пријава на имотна состојба и интереси, главните проблеми кои се заеднички за повеќето држави во регионот се поврзани со неефективното спроведување на законите особено во верификацијата на имотот што го пријавиле јавните службеници, како и недостатокот на институционален капацитет за тој верифициран имот, ниските казни за непријавување и форматите во кои се поднесуваат овие изјави. Панелот го водеше Марија Сунчевска од Транспаренси Интернешнл-Македонија. На панелот збор земаа Агрон Бехрами од Државната антикорупциска агенција на Косово; Мелиса Фазлибеговиќ од Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина; Ирена Поповска од Државната комисија за спречување на корупцијата, Македонија; Александар Ѓекиќ од младинско здружение Бечеј, Србија и Екин Бајур од ТИ Турција.
ПАНЕЛ 2: Откривање на на моќта на податоците за политичко финансирање: дали тоа може да го трансформира регионалниот политички интегритет
Од држави кои имаат солидно регулирање на прашањето за политичко финансирање до оние кои воопшто не применуваат ограничувања за трошоците за кампањата; од практики каде што не се знае кои бизниси донираат на партии до практики каде партиите не добиваат средства од бизнисите затоа што добиваат од државата. Како можеме законски да ги регулираме онлајн кампањите и како да обезбедиме кампањите да бидат конкурентни и еднакви за сите партии? Што би се случило со транспарентноста во финансирањето на кампањите доколку невладините организации не ги надгледуваат и разоткриваат партиските трошоци? Како што кампањите во регионот стануваат се поскапи, како можеме да обезбедиме транспарентно финансирање? Сето ова беше дискутирано на панелот модериран од Еуген Чаколи од КДИ Косово, придружуван од говорниците: Жељко Бакалар од Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина; Дијана Метуши од КДИ Косово; Зоран Шапуриќ, професор од Американскиот универзитет, Македонија; Милош Ѓорѓевиќ од Транспаренси Србија и Дилек Јилманзџан – професор на Универзитетот Малтепе, Турција.
ПАНЕЛ 3: Како да се спречи политичкото несоодветно влијание во склучувањето на јавни договори?
И покрај дигитализираните јавни набавки во регионот, недостатокот на отчетност, транспарентност и конфликт на интереси продолжуваат да ја поткопуваат ефикасноста на јавната потрошувачка. Регионалните практики покажуваат дека владите сè повеќе ги злоупотребуваат законските одредби посветени на итни набавки за купување стандардни производи и услуги, додека очекувањата се дека медиумите и граѓанското општество се тие кои треба да ги разоткријат неправилностите и злоупотребата на јавните ресурси. Дискусиите се фокусирани на тоа како да се предизвика размислувањето на регионалните влади кои често прикажуваат клиентелистички премиси. Договорите за капитални проекти како што се автопатиштата често ги заобиколуваат процедурите за јавни набавки, додека правните дупки се искористуваат во интерес на моќните групи бидејќи често нема одмазди за прекршителите.
Дали интегритетот во јавните набавки треба да поаѓа од изборот на оние кои работат во јавната администрација за да се спречи политичкото влијание? Додека изборите сè уште се во интерес на политичките сили во регионот, зошто е важно да се продолжи со разоткривање на злоупотребата на јавните пари? Модератор на панелот беше Милош Ѓорѓевиќ од ТИ Србија. Говорници беа: Агон Ибиши од КРПП, Косово; Џенета Карабеговиќ, истражувач и предавач на Универзитетот во Салзбург/член на одборот на ТИ-Босна и Херцеговина; Мурат Којунџу, вонреден професор на Универзитетот Богазичи, Турција; Александра Маџевска Сараќинчева, Министерство за финансии, Македонија и Иван Грујиќ, независен експерт за отворени податоци, Србија.
На вториот ден се разговараше за подготовките за пуштање во употреба на дигиталните платформи Integrity Watch во Косово, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Турција. Меѓу прашањата кои беа дискутирани се: како овие платформи ќе ни помогнат да ги откриеме ризиците од корупција при поднесувањето на изјавите за имотна состојба и интереси, политичкото финансирање и јавните договори; што треба да се направи за да имаме податоци кои се стандардизирани и може лесно да се разменат меѓу земјите-учеснички за откривање на ризиците од корупција во државите, но и надвор од нив и што можеме да научиме од искуството на платформата Integrity Watch во 15 европски земји.