Центарот за правни совети работи во рамките на Transparency International – Macedonia и постои од 2003 година. Во текот на првата половина на 2025 година во Центарот за правни совети се обратиле 74 граѓани. Начин на кој граѓаните пристапиле до ценатарот најчесто е преку онлајн платформите на организацијата, телефонски и многу често граѓаните доаѓаат лично во нашата канцеларија, но не отсуствуваат пријави и преку пошта.
Споредбено во повеќегодишното работење најзастапена област е правосудството, потоа следуваат органите за прогон, сопственоста и имотно правната област како и областа од работните односи. Иако во помал број но не помалку важни ги истакнуваме царинската област, образование, спорт, локална самоуправа и агрокултурата.
ПРАВОСУДСТВО И ОРГАНИ ЗА ПРОГОН
Правосудството останува област со највисок процент на пријави од стана на граѓаните. Истите многу често се поврзани со незадоволство од работата на судството и долготрајноста на постапките. Нетранспарентност од страна на обвинителството како и незадоволство од страна на нивното постапување по кривичните пријави што до нив ги доставуваат граѓаните.
ОБРАЗОВАНИЕ
Образованието како област согласно примените пријави покажа дека се соочува со сериозни проблеми од областа на непотизмот, судирот на интереси и дека воопшто не е имуно на корупција. Од приложените документи коишто граѓаните ни ги доставија може да се заклучи дека станува збор за сериозни наводи на злоупотреба најчесто кај високо образовните институции.
ИМОТНО-ПРАВНИ
Поплаки и несогласувања во имотноправните односи исто е честа појава и тука ги опфаќа несогласувања за земјишта, објекти и станбени и деловни, долги постапки за решавање на истите кои се испреплетени помеѓу институции кои треба да постапуваат во изнаоѓање на решение.
ЦАРИНА
Традиционално пријави не изостануваат од областа на царинскиот систем. Најчесто се посочува незадоволство и укажувања за неправилности направени од вработени на граничните премини. Ваквиот вид на пријави е зачестен во периоди на годишни одмори и празници кога има поголем проток на луѓе.
РАБОТНИ ОДНОСИ
Пријави и поплаки од незадоволни граѓани во областа од работните односи традиционално е присутно секоја година. Речиси и да не постои месец кога не се обратил некој да се интересира како да постапи и дека се соочува со недоразбирања од работен однос. Било да станува збор за приватен или јавен сектор проблемите се исти. Чести се пријавите во кои се наведува дека не се исплаќа годишниот регрес и тоа најчесто при крајот на годината кога најчесто истиот се исплаќа. Честа појава е работењето на „црно“ и неисполнувањето на договорените обврски од страна на работодавците.