Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
========================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2025 ГОДИНА
Иако беа најавени да се вратат поголемите казни за корупција во Кривичниот Законик до изборите истото не се случи – Уставниот суд на 12 февруари со мнозинство од гласовите на тогаш деветте судии, одлучи да поведе постапка за уставноста на измените на Кривичниот законик, со кои во 2023 година се изврши упад во судството за да се ослободат од обвиненија за корупција поранешни функционери. Пред да ги укине или поништи измените, Уставниот суд прво му испрати извештај на Собранието дека има сомнеж во уставноста на законот. Судот му даде на Собранието рок да интервенира и да ги смени спорните одредби, односно за 6 месеци да ги врати избришаните казни за корупција, со кои застареа сите предмети на поранешното СЈО, а обвинетите беа амнестирани и граѓаните им исплаќаат сега стотици и стотици илјади евра за адвокатски трошоци. Во случај Владата и Собранието да не го стори тоа, во Уставниот суд требаше да се направи реферат за укинување или поништување на тие одредби, или на целиот закон за изменување на Кривичниот законик, кој се донесе на трети септември 2023 година. На 12.08.2025 година истече рокот од максимални 6 месеци кој Уставен суд му ги даде на Сoбранието за да ги коригира спорните законски одредби за изменување и дополнување на Кривичниот Законик.
Општините лани потрошиле 190 милиони евра, во десетина локални самоуправи половина од тендерите ги добила една фирма – Најновото истражување спроведено од Центарот за граѓански комуникации покажува дека осумдесетте општини и Градот Скопје во минатата година склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари, односно околу 190 милиони евра, а во десетина општини само една фирма добила половина или повеќе од вкупниот број јавни набавки. Од Центарот потенцираат дека има десетина општини во кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година. Тука се набројани општините Желино, Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.
Фондот за иновации финансирал 48 проекти за вештачка интелигенција вредни над 6 милиони евра, а ниту еден не функционира – Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациските системи како ревизија на успешност на тема „Можности за употреба на Вештачка интелигенција во јавниот сектор” со цел да оцени дали јавниот сектор е подготвен за користење на вештачка интелигенција во своите активности и нотираше низа пропусти и недоволен развој на ВИ во државата и во јавниот сектор и посочи дека од 48 државно финансирани проекти за ВИ во вредност од над 6 милиони евра, ниту еден не е во функција. ДЗР: ЈП „Национални шуми“ заглавени во долгови – Национални шуми заглавени во долгови. Со кредити исплаќаат плати, вработени пак не ги извршувале задачите согласно договорот. Ова е констатирано во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Во документот пишува дека претпријатието има акумулирани обврски од над 17 милиони евра и постојана зависност од револвинг краткорочен кредит за исплата на плати поради што претпријатието се соочува со сериозни финансиски тешкотии, намалена ликвидност и ризик за одржливост на работењето. ДЗР: Нефункционални објекти, дотраена опрема и изгубена можност за остварување дополнителни приходи на спортската сала „Борис Трајковски“ – Нефункционални објекти и реквизити, затворен Aква парк, неизвесност околу иднината на соларниот систем и пропуштени можности за дополнителни приходи, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Ревизијата на Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменската сала „Борис Трајковски“ за 2023 година.
Досега 577 институции ги пријавиле возилата во ДКСК, над 900 сè уште не го сториле тоа – Според податоците што ДКСК ги добила од Централниот регистар, има 1 511 правни лица што располагаат со државен капитал, министерства, општини, агенции, дирекции, фондови и други институции основани од државата. Уште 142 државни институции испратиле податоци до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за службените возила со кои располагаат, со што вкупниот број на јавните установи што ја исполниле оваа обрвска се искачи на 577. Рокот за пријавувањето на возилата беше до 20 август што значи дека овие 142 установи го сториле тоа со задоцнување. Сепак, ова значи дека повеќе од 900 институции сè уште не доставиле податоци, односно обврската ја исполниле едвај една третина.
Едно лице извршувало две неспојливи функции во Битола, платило глоба, но не се откажало од една од функциите – Антикорупциската комисија постапуваше по предмет оформен по сопствена иницијатива за лице кое извршувало две несполииви функции. Имено, како што беше посочено на седница, лицето било член на Управен одбор на јавно претпријатие и член на Надзорен одбор на јавно претпријатие со седиште во Битола. Извршувањето на двете функции истовремено е спротивно на член 44 од Законот за спречување на корупцијата и претставува прекршок казнив согласно член 105 од истиот закон. На лицето му е издаден прекршочен платен налог и му било укажано дека мора да се откаже од една од функциите. Тој, ја платил глобата, но не доставил доказ дека се откажува од една од функциите информираа од Комисијата.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АВГУСТ 2025 ГОДИНА
Кривична за двајца поранешни директори на АД Пошти за злоупотреба на над 32 илјади евра – СВР Скопје поднесе кривична пријава против поранешните генерални директори на АД „Пошти на Северна Македонија“, поради основано сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик. Според сознанијата од истражните дејствија, пријавените во текот на 2023 година не извршиле должен надзор врз работењето на подредените раководители, со што овозможиле набавки спротивно на Законот за јавни набавки. Наместо дозволената граница од 24.000 евра, биле реализирани набавки во вкупен износ од 56.546 евра, со што е надминат законскиот праг за 32.546 евра.
Обвинение против осуммина, шест се полицајци – примале поткуп за незаконски престој на странски државјани – Државното Јавно обвинителство, преку специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе обвинителен акт против осум лица, од кои шест се полициски службеници. Обвинението се однесува на сериозни злоупотреби на службената положба, противзаконито посредување и примање поткуп, со цел овозможување незаконски престој и прибавување дозволи за привремен престој на странски државјани.
Виш полицаец обвинет за давање поткуп на колега на ГП Долно Блаце – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје против виш полицаец во Единица за интервентна полиција при СВР Скопје. Тој е осомничен за кривично дело „давање поткуп“ по член 358 став 1 од Кривичниот законик. Според истрагата, во февруари и март годинава, пријавениот понудил и дал поткуп на друг полициски службеник вработен на граничен премин Долно Блаце со цел тој да не ја изврши својата службена должност. На овој начин, евиденцијата за влез во државата на македонски државјанин била прикажана како влез на турски државјанин.